Веднаш да се реагира по смртните закани кон новинарот Ерол Ризаов

Здружението на новинарите на Македонија побара итно постапување од Министерството за внатрешни работи по директни закани по животот, повици за насилство и етнички навреди упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов преку коментари на неговата официјална Фејсбук-страница.

Од ЗНМ информираат дека до МВР веќе е испратена ургенција со барање случајот детално да се провери, електронските докази веднаш да се обезбедат и зачуваат, а да се утврдат и идентитетите на лицата што стојат зад профилите од кои биле испратени заканите.

Според Здружението, дел од коментарите содржат експлицитни повици за физичко елиминирање и смрт на Ризаов, како и навреди врз етничка основа. Поради сериозноста на содржината, ЗНМ бара полицијата да процени дали има елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза.

Доколку се утврдат такви елементи, од Здружението очекуваат предметот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство. Во моментот на објавувањето на реакцијата нема јавно соопштение од МВР или Обвинителството за конкретни преземени мерки во овој случај.

Од ЗНМ предупредуваат дека заканите кон новинари поради нивната работа не смеат да се третираат како обична онлајн расправија, туку како директен удар врз слободата на изразување и безбедноста на медиумските работници. Според нив, клучно е институциите да реагираат пред заканите да прераснат во физичко насилство.

Случајот со Ризаов доаѓа само неколку недели откако ЗНМ побара итно постапување и по закани за физичко насилство кон новинарот Александар Видиновски, што дополнително го отвора прашањето за зачестеноста на онлајн заканите и нивното институционално санкционирање

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?