Две лица спасени по осум часа во морето кај Хрватска, по уште двајца Португалци се трага

Хрватска

Две лица од групата од четворица португалски државјани кои исчезнаа во Вeleбитскиот канал кај Сењ во Хрватска се пронајдени живи. По нивното исчезнување, спасувачките служби започнаа голема потрага, која ја отежнува силната бура со бранови високи до три метри. 

Четворицата Португалци, лица во триесеттите години, во текот на ноќта со мал гумен чамец се оддалечиле од камп северно од Сењ, по што ги зафатило невремето. Подоцна чамецот бил пронајден во близина на брегот на островот Крк. 

Првата пронајдена била жена, која околу 11:45 часот била забележана во морето кај источниот брег на Крк. Таа во водата поминала околу осум часа, но била при свест и комуницирала со спасувачите, по што била преземена од медицинските служби. 

Недолго потоа бил пронајден и маж кај ’ртот Главина. Според информациите од спасувачите, тој сам излегол од морето и се искачил на карпите, по што бил преземен со пловило и предаден на медицинските екипи. 

За преостанатите двајца мажи потрагата продолжува. Во акцијата се вклучени крајбрежната стража, полициски хеликоптер, пристанишните капетании во Сењ и Риека, како и испоставата во Нови Винодолски. 

Хрватската крајбрежна стража ангажирала и авион „Пилатус ПЦ 9“ за пребарување на поширокото подрачје на Вeleбитскиот канал. Спасувачката операција се одвива во тешки временски услови, бидејќи на подрачјето е издадено црвено предупредување поради силната бура. 

Ударите на ветерот достигнуваат меѓу 65 и 100 километри на час, додека брановите достигнуваат височина до три метри. Токму силниот ветер и немирното море значително ја отежнуваат потрагата по исчезнатите. 

Случајот предизвика голема спасувачка операција на хрватското крајбрежје, а надлежните служби продолжуваат да го пребаруваат морето и крајбрежниот појас во потрага по преостанатите двајца Португалци.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?