Anthropic воведува невидливи ознаки во текстовите што ги создава Claude, со цел полесно да може да се утврди дали одредена содржина била генерирана или обработена со неговите модели. Промената е поврзана со новите правила за транспарентност во Европската Унија, но компанијата најавува дека означувањето ќе се применува глобално.
Новите модели на Claude пуштени во Европската Унија од 2 август 2026 година ќе имаат машински читливи ознаки уште од моментот на нивното лансирање. Anthropic работи истиот систем постепено да го воведе и кај постарите модели.
Кај текстовите ознаката ќе биде вградена директно во генерираната содржина и нема да биде видлива за корисникот. Според Anthropic, таа нема да го менува значењето, квалитетот или читливоста на текстот и може да остане присутна и кога содржината ќе биде копирана или делумно изменета.
Системот ќе функционира во Claude, преку API-платформата, Claude Code, Cowork и другите сервиси на компанијата, како и кај поддржаните модели што се користат преку AWS, Google Cloud и Microsoft Foundry.
За датотеки како фотографии и графички формати Anthropic ќе користи и дигитално потпишани метаподатоци според стандардот C2PA, преку кои ќе може да се провери потеклото на содржината и дали датотеката била дополнително менувана.
Сепак, компанијата предупредува дека „жигот“ не треба да се користи како конечен доказ дека целиот текст е напишан од Claude. Ознака може да добие и текст што корисникот самиот го напишал, а потоа го испратил до Claude само за превод, лекторирање или преработка. И обратно, отсуството на ознака не значи дека текстот сигурно не бил создаден со вештачка интелигенција, особено ако бил значително променет или генериран со модел што сè уште не го поддржува системот.
Anthropic најавува и алатки преку кои корисниците и трети страни ќе можат да проверуваат дали текст или датотека содржи ознака од Claude, а дополнителните технички детали за системот допрва треба да бидат објавени.
