Новак Ѓоковиќ се враќа на теренот по паузата по Вимблдон и во Синсинати ќе ја брка рекордната 41. титула од серијата Мастерс 1000. Патот до трофејот е поотворен по повлекувањето на Јаник Синер и Карлос Алкараз, двајцата поради повреди.
Мастерсот во Синсинати почнува денеска, а Ѓоковиќ е трет носител и е слободен во првото коло. Во второто ќе игра против победникот од дуелот меѓу Тијаго Агустин Тиранте и Јан Чожински.
Во продолжението на турнирот потенцијални противници на Србинот се Матео Арналди, Џек Дрејпер и Јакуб Меншик, додека во четвртфиналето би можел да се сретне со Алекс де Минаур. Доколку стигне до полуфиналето, можен е дуел со Александар Зверев.
Главните фаворити Синер и Алкараз нема да настапат. Светскиот број еден Синер се повлече поради повреда на десното колено, додека Алкараз се мачи со повреда на зглобот која го оддалечи од терените уште од април.
Ѓоковиќ досега има освоено рекордни 40 титули на Мастерс 1000 турнирите. Во Синсинати триумфираше во 2018, 2020 и 2023 година, а со првиот трофеј во 2018 стана првиот тенисер кој ги освоил сите девет Мастерс турнири во календарот.
За 39-годишниот Ѓоковиќ Синсинати ќе биде и главната подготовка пред последниот Гренд слем во сезоната. Отвореното првенство на САД почнува на 30 август, а Србинот ќе се обиде да ја крене формата пред настапот во Њујорк.
