Албанија и натаму се бори со сериозни шумски пожари, а девет жаришта остануваат активни во повеќе делови од земјата. Околу 450 пожарникари, припадници на вооружените сили и други служби се распоредени на терен во обид огнот да биде ставен под контрола.
Пожари има во регионите Дебар, Тирана, Драч, Корча и Ѓирокастро, соопшти албанското Министерство за одбрана. Најтешка е состојбата во областа Лура, во регионот Дебар, каде за гаснење се ангажирани околу 200 луѓе.
Екипите на терен се обидуваат да ги локализираат пожарите и да спречат нивно понатамошно ширење, додека високите температури дополнително ја отежнуваат интервенцијата. Противпожарни единици и припадници на вооружените сили се распоредени на сите критични точки.
Засега нема конечна проценка за материјалната штета што ја предизвикале пожарите. Надлежните продолжуваат да ја следат состојбата и да ги координираат операциите за гаснење.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај им се заблагодари на пожарникарите, војниците и останатите служби вклучени во справувањето со огнената стихија и побара од граѓаните максимална внимателност во услови на високи температури.
Тој побара и строги санкции за лицата кои намерно предизвикуваат пожари, порачувајќи дека оние што ја палат земјата мора да одговараат согласно со законот.
