Кога институциите молчат, гласините стануваат посилни

22 дена во градскиот водовод во Гостивар биле вклучени пумпи преку кои, според досегашните информации, во системот влегувала вода од површински канал од реката Вардар. Случајот, по кој околу 3.000 граѓани побараа лекарска помош, ја отвори и пошироката тема за довербата во институциите и за начинот на кој дезинформациите можат да предизвикаат паника.

Она што во Гостивар било објаснувано како техничка мерка за зголемување на притисокот во водоводниот систем во летниот период, доби сосема поинаква тежина откако беа утврдени отстапувања во квалитетот на водата. Особено сериозно прашање е како Центарот за јавно здравје во Тетово на 13 јули можел да ја оцени водата како безбедна, ако последователните проверки покажале присуство на фекални бактерии и несоодветна концентрација на хлор.

Последиците беа реални. Илјадници граѓани се соочија со здравствени проблеми, а случајот остави сериозен удар врз довербата во институциите задолжени за безбедноста на водата.

Токму во таква атмосфера во Скопје почна да се шири нова паника. На социјалните мрежи се појавија тврдења дека градскиот водовод е загаден со ешерихија коли и дека граѓаните треба да престанат да пијат вода од чешма.

Една информација се ширеше од профил на профил, без да се провери нејзината точност. Стравот од можен здравствен ризик дополнително го забрза ширењето, а дел од граѓаните почнаа да купуваат флаширана вода.

Во такви ситуации социјалните мрежи стануваат моќен механизам за ширење на дезинформации. Граѓаните, најчесто водени од страв и желба да ги предупредат другите, несвесно можат да станат дел од тој механизам.

Од друга страна, институциите излегоа со спротивни информации. Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“, МВР, Институтот за јавно здравје и здравствените власти соопштија дека анализите не покажуваат загадување на водата во скопскиот водоводен систем.

ЈП „Водовод и канализација“ соопшти дека лабораториските испитувања покажуваат оти водата е безбедна за пиење. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во обид да ја смири јавноста, јавно се напи вода од чешма.

Но, проблемот е што институционалната информација денес се соочува со многу поголем предизвик од порано. Кога граѓаните веќе еднаш ќе изгубат доверба во системот, ниту една нова изјава не се прифаќа автоматски како точна.

Токму затоа случајот со Гостивар има пошироки последици. Не станува збор само за тоа дали некој институционално згрешил, туку и за тоа колку таквиот пропуст може да влијае врз реакцијата на јавноста во следната криза.

Во меѓувреме, МВР презеде мерки против лица кои ширеле тврдења дека скопската вода е загадена со ешерихија коли. Тоа може да помогне во запирањето на ширењето на лажните информации, но останува многу поважно прашање: кој ги започнал и дали станува збор за организирана кампања?

Во јавноста веќе се појавуваат сомнежи и политички обвинувања дека зад ваквите операции стојат опозициски структури. Но, сомнежот не е доказ. Доколку постои организиран центар што намерно шири дезинформации со цел да предизвика страв и дестабилизација, институциите треба тоа да го докажат и да ги откријат и организаторите и нарачателите.

Во спротивно, квалификациите за „специјална војна“ остануваат само дел од политичкиот речник.

Тоа е особено важно бидејќи во изминатите години јавноста повеќепати слушаше за различни случаи што беа претставувани како обиди за дестабилизација. Лажни дојави за бомби, безбедносни афери, пожари и други случаи беа проследени со најави за истраги, но во дел од случаите јавноста не доби јасна завршница.

Без конечни резултати, секоја нова институционална квалификација станува потешко прифатлива.

Ако навистина постои организирана операција за ширење паника преку социјалните мрежи, таа мора да биде разоткриена до крај. Ако, пак, нема таква операција, тогаш институциите мора да дадат одговор зошто во услови на криза толку лесно се создава простор за теории на заговор и непроверени информации.

Водата во Скопје, според официјалните лабораториски анализи, е безбедна за пиење. Но, самиот факт што дел од граѓаните и натаму не им веруваат на тие уверувања покажува дека вистинскиот проблем е многу поширок од една лабораториска анализа.

Довербата во институциите се гради со навремено информирање, професионална работа и одговорност кога ќе има пропуст. А кога ќе се појави сомнеж за организирана дезинформациска операција, одговорот не треба да биде само соопштение, туку целосна и проверлива истрага.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?