Македонија годинава има помирна сезона на пожари во споредба со претходните години, но зад тоа не стои само времето. Побрза реакција на пожарникарите, навремена употреба на Ер тракторите, поедноставено командување и помалку административни пречки се дел од причините што ги посочува директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во интервју за Рацин.мк.
Во разговорот Ангелов отворено зборува и за слабостите на системот, недоволната обука на доброволните пожарникари, недостигот од пилоти, односите со претходната и сегашната Влада, но и за неговиот песимизам околу европската перспектива на Македонија.
На почетокот на интервјуто вели дека токму превенцијата е една од причините што годинава состојбата е нешто подобра. Според него, голем дел од пожарите почнуваат од навидум безначајни постапки, искра од брусалица, отпушок од цигара или палење сува вегетација.
„Од една искра може да се создаде катастрофа“, вели Ангелов, објаснувајќи дека предупредувањата преку медиумите и социјалните мрежи имаат цел да ја зголемат внимателноста кај граѓаните.
Според неговата оценка, годинава помогнале и временските услови. Повремените дождови ја одржувале вегетацијата повлажна отколку во 2024 година, но Ангелов нагласува дека тоа не е единствената причина за подобрата состојба.

„Сметам дека и пристапот на Владата овој пат беше многу посериозен, бидејќи кризна состојба беше прогласена пред воопшто да започнат пожарите, односно на први јули. Не чекавме како сите минати години да почнат пожарите, па да прогласиме кризна состојба“, вели тој.
Ангелов во моментов е директор на ДЗС, но истовремено го предводи и Главниот штаб за управување со кризи. Според него, тоа овозможува информациите и командувањето во кризни ситуации да бидат концентрирани на едно место.
Во интервјуто беше отворено и прашањето за неговата работа со две различни влади. Ангелов беше директор на ЦУК во време на владите предводени од СДСМ, а денес ја води ДЗС во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој не ја оспорува соработката со претходната власт и вели дека и тогаш имал простор да работи.
„Јас и во минатата влада имав максимално одврзани раце. Работев со два премиери, премиерот Зоран Заев, кој ме постави, потоа премиерот Ковачевски. Имав максимално коректна соработка со нив“, рече Ангелов.
Сепак, вели дека гледа разлика во начинот на кој денес се спроведуваат задачите во институциите.
„ВМРО-ДПМНЕ функционираат поинаку. Функционираат како војска. Наредбите одат вертикално, значи се извршуваат“, вели Ангелов.
Според неговата перцепција, задачите што доаѓаат од премиерот и министрите сега се спроведуваат „значително посериозно и поодговорно“, со поголема контрола.
На забелешката дали тоа значи дека претходната власт била „помека“, Ангелов се оградува од таква политичка квалификација и вели дека за него прашањето е во одговорноста, а не во демократијата.
„Ние земаме плата од граѓаните. Ние работиме за граѓаните и ние сме должни да дадеме сè од себе. Ако некој не може да се снајде, треба самиот да се повлече“, вели тој.
Во исто време, Ангелов не крие дека во периодот кога го раководел ЦУК се соочувал со институционална инертност. Како еден од резултатите од тој период го посочува проектот „Пријави опасност“, преку кој граѓаните можеле директно да пријават ризик, по што ЦУК интервенирал кај надлежните институции.
„Тогаш постоеше една поголема инертност. Подредените не ги спроведуваа потребните работи за да се отстрани опасноста, за што повеќе пати имам јавно реагирано“, вели Ангелов.
Според него, денес дел од таквите пријави се решаваат побрзо и без потреба секој проблем да се изнесува во јавност.
Како важен проект од времето во ЦУК го издвојува и бројот 112, но нагласува дека заслугата не е само негова.
„И луѓето пред мене работеле. Тој не е само мој, да не го присвоиме успехот дека е само мој“, вели Ангелов, додавајќи дека неговата улога била да се забрза имплементацијата. Според него, системот и денес функционира, но се потребни дополнителни надградувања.
Една од поголемите промени што се подготвуваат е реорганизацијата на системот за управување со кризи и заштита и спасување. Ангелов вели дека во Владата е формирано работно тело и дека процесот е покомплексен од едноставно административно спојување на ЦУК и ДЗС.
Неговата идеја е во новата поставеност да се формира професионална единица од околу 120 луѓе за цивилна заштита.
„Со истата бројка на луѓе ние во новата институција може да имаме една специјална единица од 120 луѓе за цивилна заштита, која би ги работела сите оние работи кои локалните сили немаат капацитет да ги изработат“, вели Ангелов.
Со тоа, според него, би се намалила потребата полицијата и Армијата да се ангажираат за задачи што не се нивна основна работа.
„Не е работа на полицајците и на војниците да гасат пожари, да вадат давеници од езера, од реки и да спасуваат луѓе од планини“, вели тој.
Ангелов посебно зборува и за доброволните противпожарни друштва. Оваа година, според него, на едно место биле собрани повеќе од 250 доброволни пожарникари, што го оценува како значаен чекор за нивно вклучување во системот.
Но кога станува збор за обуката, неговата оценка е далеку покритична.
Ангелов вели дека сегашната основна обука има сериозни слабости и во голем дел се сведува на два дена предавања.
На прашањето дали тоа е доволно, одговори:
„Апсолутно не.“
Тој нагласува дека зборува за доброволците кои се ангажираат при пожари на отворено, а не за професионалните пожарникари, кои минуваат низ значително посериозна обука.
Кога станува збор за техниката, Ангелов вели дека капацитетите се зголемени, но дека ниту една држава не може да има доволно ресурси за секое можно сценарио. Како пример ги посочува големите пожари во Франција, Италија, Шпанија, Грција и Турција, каде и покрај значително поголемите капацитети често се бара меѓународна помош.
Во Македонија, според него, во последните години се набавени нови противпожарни возила, дел од старите се поправени, а во системот се вклучени и специјални пренаменети возила.
За првпат по подолг период, ова лето ДЗС располага со три исправни Ер трактори и тројца активни пилоти.
Првично требало да има пет пилоти, но двајца ја напуштиле службата. Едниот заминал на подобро платена работа во странство, а вториот ја напуштил работата непосредно пред почетокот на сезоната на пожари.
Токму Ер тракторите, според Ангелов, се еден од клучните фактори за побрзото локализирање на пожарите.
„Кога ќе се појави пожар, имаме силен и брз почетен удар. Секаде каде што ќе процениме дека постои опасност некој пожар да прерасне во посериозен пожар, веднаш ги пуштам Ер тракторите“, вели Ангелов.
Променет е и Законот за заштита и спасување, со што во итни ситуации Ангелов може директно да нареди ангажирање на силите, без претходно да чека формално барање од градоначалник.
„Не морам да чекам барање од градоначалникот. Понекогаш градоначалникот може да е недостапен, може да е на одмор, да е на свадба, да спие, да е болен“, вели Ангелов.
Според него, ваквите административни процедури во минатото можеле да значат изгубено време во ситуации во кои секоја минута е важна.
„Кога гори, кога има опасност некој да загине или да изгорат куќи, села, тогаш вие немате време да се занимавате со бирократски работи“, вели тој.
И покрај впечатокот дека летово има малку пожари, Ангелов вели дека ДЗС секојдневно регистрира најмалку дваесетина пожари. Разликата, според него, е што голем дел од нив се ставаат под контрола пред да прераснат во поголеми кризи.
Тој воедно ја отфрла распространетата претстава дека најголемиот број пожари се дело на пиромани.
„Пиромани има најмалку. Генерално, небрежност, ненамерно предизвикување на пожар“, вели Ангелов.
Како еден од примерите го наведува палењето стрништа. Според него, земјоделецот најчесто нема намера да предизвика шумски пожар, туку се обидува да се ослободи од растителниот остаток. Слично е и со сточарите кои палат ниска вегетација за да создадат простор за пасишта.
„Нивната намера не е да предизвикаат пожар, туку да направат зелено пасиште. Но тоа е многу погрешно. Штетите се огромни“, вели Ангелов.
Дел од превенцијата ја води и преку социјалните мрежи, каде во последниот период објавува кратки видеа за опасностите од пожарите.
На забелешката дека со тоа може да биде перципиран како инфлуенсер, Ангелов одговара дека токму влијанието го смета за дел од својата функција.
„Целта е јас да бидам инфлуенсер во она што го работам. Каков директор би бил јас ако немам влијание? Дали јас треба да имам влијание кога ќе кажам: не фрлајте отпушок од цигари? Да, јас треба да бидам влијателен“, вели тој.
Во последниот дел од интервјуто разговорот излегува од темата за кризите и се префрла на политиката и европската интеграција.
Ангелов вели дека е силен поддржувач на членството во Европската унија, но истовремено изразува сериозен песимизам дека Македонија може да стане членка во блиска иднина.
„Јас сум најголем поборник за влез во Европската унија, но не верувам дека во некое разумно време ние ќе станеме членка на Европската унија, освен ако не се сменат правилата“, вели Ангелов.
Во однос на спорот со Бугарија, тој смета дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема нужно да значи и крај на политичките условувања.
„И јас и вие и власта и опозицијата се свесни дека барањето Бугарите да влезат во Уставот не е последно барање од бугарска страна“, вели Ангелов, додавајќи дека според него и потоа може да се појават нови барања.
На крајот се навраќа и на Преспанскиот договор и промената на уставното име, која ја поврзува со тогашните очекувања за евроатлантска интеграција.
„Која жртва ја направи премиерот Зоран Заев? Беше излaжaн. Додавката Северна, кнедлата којашто мораме да ја проголтаме за да станеме членка на НАТО и Европската унија. До кога треба да не лажат?“, рече Ангелов.
