Тричлено семејство е меѓу најтешко повредените во катастрофалниот пожар кај Омиш, објави Net.hr, повикувајќи се на неофицијални информации. Станува збор за две женски и едно машко лице, на возраст од 18 до 46 години, кои се здобиле со тешки изгореници, а нивната здравствена состојба е многу сериозна. Информацијата за семејната поврзаност на пациентите засега не е официјално потврдена од болницата.
Лекарите во Загреб во моментов се борат да ги стабилизираат виталните функции на најтешко повредените, по што треба да продолжи третманот на изгорениците. Според Net.hr, тројцата членови на семејството се меѓу пациентите префрлени од Сплит во Загреб по пожарот што го зафати подрачјето кај Омиш.
Од Клиниката за трауматологија при КБЦ „Сестре милосрднице“ соопштија дека во петокот околу 17.30 часот примиле четворица пациенти повредени во пожарот. Докторката Тихана Магдиќ Турковиќ, раководителка на Одделот за анестезиологија и интензивно лекување, изјави дека станува збор за пациенти на возраст од 18 до 46 години со исклучително тешки изгореници.
Кај повредените изгорениците зафаќаат од 40 и 50, па сè до 70 проценти од телото. Сите пациенти кои се лекуваат во оваа клиника се животно загрозени, интубирани и приклучени на механичка вентилација. Потребни им се и лекови за одржување на крвниот притисок.
Магдиќ Турковиќ нагласи дека во оваа фаза лекарите се концентрирани на борбата за животот на пациентите и стабилизирањето на нивните витални функции. Кај тројца од нив се очекува повеќемесечно болничко лекување. Деталната дијагностика треба дополнително да го покаже обемот на повредите.
Поради тежината на повредите, четворица пациенти од пожарот кај Омиш беа префрлени од КБЦ Сплит на лекување во Загреб. Хрватските медиуми во текот на вечерта објавија дека сите четворица најтешко повредени кои биле префрлени во Клиниката за трауматологија се во критична состојба.
Во КБЦ Сплит во текот на ноќта и во петокот биле згрижени вкупно 40 лица повредени во пожарот. Четиринаесет биле хоспитализирани, а седум пациенти биле на респиратор, меѓу нив шест возрасни лица и едно 17 годишно лице.
Пожарот избувна во четвртокот вечерта кај Локва Рогозница и потпомогнат од силниот ветер брзо се прошири кон Омиш. Огнот се приближи до населени места, а голем број жители и туристи беа евакуирани. Во текот на петокот пожарникарите успеаја да ја стават состојбата под контрола, а вечерта повеќе немаше отворен пламен на омишкото пожариште.
