Западнонилскиот вирус потврден и во Ресен

Присуството на западнонилскиот вирус е потврдено и во Ресен, откако лабораториските анализи покажале дека мртов гавран пронајден во паркот покрај Општината бил заразен. Засега во Ресен нема регистриран човек заразен со вирусот.

Агенцијата за храна и ветеринарство го потврди вирусот кај птицата, а министерот за здравство Сашо Клековски оцени дека наодот е показател дека вирусот локално циркулира во Преспанскиот регион.

„Гавранот е генерално стационарна птица, значи не е птица преселница и пронаоѓањето на мртвиот гавран е показател на локална циркулација на вирусот на западнонилска треска“, рече Клековски.

По потврдата веднаш биле известени Центарот за јавно здравје Битола и градоначалникот на Ресен. Од нив се очекува да ги ревидираат плановите за дезинсекција и да организираат таргетирано прскање против комарци во ризичните подрачја.

Ова е втора мртва птица во Македонија кај која годинава е потврден западнонилскиот вирус. Претходно заразен гавран беше пронајден во централното подрачје на Скопје, во близина на Вардар.

Агенцијата за храна и ветеринарство во меѓувреме го засили надзорот над живината и дивите птици низ целата земја. Со лабораториски тестирања ќе бидат опфатени кокошки, мисирки, фазани, потполошки, но и диви птици како гуски, пајки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби и други видови.

Западнонилскиот вирус најчесто циркулира меѓу птиците и комарците. Луѓето се заразуваат преку убод од инфициран комарец, а потврден вирус кај птица е важен сигнал за здравствените власти дека во околината постои активна циркулација.

Во Македонија годинава е регистриран значителен пораст на заболувањата. Заклучно со 26 август, здравствените власти информираа за 50 потврдени случаи и уште три сомнителни, додека денеска Инфективната клиника го потврди и шестиот смртен случај.

Истовремено, здравствените власти велат дека на неделно ниво веќе се забележува намалување на бројот на новозаболени. Најмногу случаи биле регистрирани во 33-тата недела од годината, по што започнал пад.

И покрај тоа, потврдата на вирусот кај птица во Ресен покажува дека надзорот повеќе не е ограничен само на претходно утврдените жаришта во Скопје и другите погодени подрачја.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?