Македонски државјанин на возраст од 61 година е уапсен по слетувањето на меѓународен лет во Загреб, под сомнение дека сексуално злоставувал 15 годишно девојче во авионот. Детето побарало помош од кабинскиот персонал, по што екипажот ја известил контролата на летање, а полицијата го чекала осомничениот на аеродромот.
Девојчето патувало само и седело до осомничениот. Во еден момент повикало стјуардеса и побарало од неа да прочита порака напишана на неговиот мобилен телефон.
„Многу се плашам од овој човек, можете ли некако да ми помогнете?“, пишувало во пораката што девојчето ѝ ја покажало на стјуардесата.
Стјуардесата реагирала прибрано и под изговор дека ќе му покаже каде се наоѓа тоалетот, го одвела девојчето на безбедно. Таму тоа му кажало на екипажот дека мажот што седел до него почнал недозволено да го допира уште додека авионот бил на пистата и се подготвувал за полетување.
Според исказот на девојчето, осомничениот се преправал дека му помага да го врзе сигурносниот појас. Екипажот веднаш ја известил контролата на летање на загрепскиот аеродром.
По слетувањето на аеродромот „Фрањо Туѓман“, 61 годишниот македонски државјанин бил пречекан од полицијата. По спроведената криминалистичка истрага бил приведен во надлежното општинско државно обвинителство.
Осомничениот ги отфрлил сомневањата за недозволени полови дејства. Тој тврдел дека не го допирал девојчето, туку само му го подал сигурносниот појас.
Судија му определил притвор, по што бил пренесен во затворот Реметинец. Истрагата треба да ги утврди сите околности на случајот и да го провери исказот на малолетната патничка.

