НАТО собори дрон над Литванија, леталото најверојатно дошло од Белорусија

Борбени авиони на НАТО соборија беспилотно летало кое навлегло во воздушниот простор на Литванија, откако во текот на ноќта беше прогласена воздушна опасност за Вилнус и неколку околни области.

Според литванската армија, објектот бил забележан околу полноќ, а околу 00:20 часот бил соборен од италијански борбени авиони ангажирани во мисијата на НАТО за воздушно патролирање на Балтикот, кои полетале од базата во Шјаулај.

Литванскиот Национален центар за управување со кризи соопшти дека дронот бил уништен во округот Каишиадорис, во близина на селото Праткунаи. Остатоците се пронајдени, а местото е обезбедено од воената и цивилната полиција.

Првичните информации укажуваат дека беспилотното летало најверојатно навлегло во Литванија од територијата на Белорусија. Засега не е утврдено за каков тип дрон станува збор, дали бил вооружен и која била неговата цел. Литванската армија соопшти дека истрагата продолжува и дека нема да изнесува заклучоци пред да бидат анализирани сите околности.

По забележувањето на леталото биле испратени предупредувања до жителите на Вилнус, Тракај и Електренај, а привремено бил ограничен и воздушниот сообраќај на аеродромот во Вилнус. Опасноста била укината по соборувањето на дронот.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа оцени дека реакцијата на НАТО покажува колку е важна подготвеноста на Алијансата во услови на засилени руски напади врз Украина.

Инцидентот се случува во период на зголемена претпазливост во балтичките земји по серија навлегувања на беспилотни летала во воздушниот простор на членки на НАТО. Само два дена претходно Литванија повторно активираше борбени авиони по сомнеж за дрон, но подоцна беше утврдено дека радарите регистрирале јато птици.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?