Светските реки во 2025 година минале низ една од најсушните години во последните три и пол децении, покажува новиот извештај на Светската метеоролошка организација. Протокот бил под нормалата во 36 проценти од светските речни сливови, додека резервите што досега ја штителе планетата од тешки водни кризи продолжиле да се намалуваат.
Извештајот „Состојба на глобалните водни ресурси 2025“, објавен на 17 септември, покажува дека во последните седум години е регистриран најмал број реки со нормален проток од 1991 година наваму.
Во текот на 2025 година само меѓу 34 и 38 проценти од речните сливови имале нормални услови, наспроти просекот од 46 проценти во периодот од 1991 до 2020 година. Истовремено, 21 процент од сливовите имале проток над или значително над нормалното ниво.
Податоците откриваат сè понепредвидлив воден циклус во кој регионите нагло преминуваат од тешки суши во разорни поплави. Некои делови од светот остануваат без доволно вода, додека други се соочуваат со количества што инфраструктурата и природните системи не можат да ги прифатат.
Подземните води, езерата, реките, влагата во почвата, снегот и мразот со децении функционирале како своевидна водна „штедна сметка“ на Земјата. Овие резерви ги ублажувале последиците од сушните периоди, но од периодот меѓу 2014 и 2016 година бележат континуиран пад.
„Ја трошиме таа штедна сметка“, предупреди генералната секретарка на Светската метеоролошка организација, Селест Сауло. Таа нагласи дека не станува збор само за една исклучително сушна година, туку за долгорочен тренд што може да има сериозни последици за луѓето и економиите.
Проток под или значително под нормалата бил регистриран во голем дел од Северна Америка, сливовите Ла Плата и Сао Франциско во Јужна Америка, Источна Европа, Блискиот Исток и Централна Азија. Во Африка, значително намален проток имале Нил, Конго и Замбези.
Спротивна слика била забележана во Јужна и Југоисточна Азија и во делови од северна Јужна Америка, каде што речните текови биле над нормалата. Светската метеоролошка организација предупредува дека ваквите осцилации меѓу премалку и премногу вода го отежнуваат планирањето на водоснабдувањето, земјоделството и заштитата од катастрофи.
Притисокот врз водните резерви го засилува и топењето на глечерите. Во 2025 година сите големи глечерски региони четврта година по ред изгубиле ледена маса. Загубата се проценува на околу 408 гигатони, што придонело за пораст на глобалното морско ниво за приближно 1,1 милиметар.
Од 2023 до 2025 година глечерите изгубиле вкупно околу 1.400 гигатони вода. Тоа количество е споредливо со водата потребна за полнење на околу 560 милиони олимписки базени.
Намалувањето на речните текови директно го погодува снабдувањето со вода за пиење, земјоделството, производството на електрична енергија, индустријата и речниот транспорт. Азија и Африка во изминатите пет години биле погодени од најмалку половината регистрирани водни катастрофи и од повеќе од 80 проценти од пријавените смртни случаи поврзани со нив.
Извештајот е изработен врз основа на податоци од национални метеоролошки и хидролошки служби, сателитски мерења и симулации од 13 глобални хидролошки модели. Најголемите празнини во набљудувањето и натаму се присутни во делови од Африка и Азија, регионите што истовремено трпат и најтешки последици од водните екстреми.

