На неколку метри од преминот Маркова Нога-Лемос, затворен од 1967 година, повеќе од 75 автори од осум земји се среќаваат преку музика, филм и современа уметност.
Рампата меѓу Маркова Нога и Лемос останува спуштена. На преминот, затворен веќе 59 години, нема пасошка контрола, автомобили и патници. Но само неколку метри подалеку вечерва се слушаат џез, балканска музика и импровизација.
Од 18 до 20 септември во Лемос, во грчкиот дел на Преспа, се одржува меѓународниот фестивал „The Singing of the Nightingale“. Неговата годинашна тема е „Night on the Border“, ноќ на границата.
Култура покрај спуштената рампа
Според официјалната програма на фестивалот, во проектот учествуваат повеќе од 75 уметници, музичари, поети, писатели, филмаџии и истражувачи од осум земји.
Центарот на настаните е старата општинска зграда во Лемос, на само неколку метри од затворениот граничен премин со Македонија.
Вечерва во 20 часот е предвидена прекугранична музичка средба со Pantelis Stoikos Like Quartet, MOIRA, македонскиот состав „Трето колено“ и Within the World Duo. Програмата ги спојува џезот, балканските музички традиции и импровизацијата.
Во недела, во 20:30 часот, во Општинската библиотека во Преспа ќе бидат прикажани кратки филмови од фестивалите Balkans Beyond Borders и Florina International Film Festival.
Граница што не се отвори, но стана сцена
Преминот Маркова Нога-Лемос е затворен од 1967 година. Населените места од двете страни се блиску на картата, но директното движење меѓу нив е прекинато речиси шест децении.
Фестивалот не ја отвора рампата. Наместо тоа, просторот покрај неа го претвора во галерија, кино и музичка сцена.
Дел од проектот е и дигитална карта во која се собираат уметнички дела, звуци, локални сеќавања и приказни од Балканот. Замислена е како културна територија што продолжува и таму каде што физичките граници го прекинуваат патот.

