Канадските власти ги проверуваат околностите под кои 83-годишната Брижит Штегеман починала со медицински асистирана смрт во дом за нега во Онтарио, откако нејзиното семејство изрази сомнеж дека таа целосно разбирала што ќе се случи и дека непосредно пред постапката дала валидна согласност.
Штегеман починала на 10 јули во домот „The Pearl“ во Канифтон, во рамките на канадската програма Medical Assistance in Dying – MAID. Нејзината внука Брижит Кранендонк, која со години се грижела за неа, тврди дека баба ѝ претходно ја одбивала можноста за асистирана смрт, меѓу другото и поради нејзините христијански верувања.
Случајот првично го објави британски „Дејли мејл“, а полицијата во Белвил потврдила дека околностите на смртта ги разгледува нејзиниот Оддел за криминалистички истраги. Семејството побарало проверка и од Канцеларијата на главниот коронер на Онтарио. Наводите на семејството засега не се потврдени со официјален заклучок на истрагата, а домот и медицинските лица вклучени во постапката не излегоа со детална јавна верзија на настаните.
Штегеман во февруари била дијагностицирана со рак на желудникот во четврта фаза. Според внуката, прашањето за MAID било отворено уште тогаш, но таа го одбила.
Ситуацијата, според семејството, се променила додека Кранендонк била отсутна десетина дена. На 3 јули од домот ѝ било кажано дека се организира процена за медицински асистирана смрт поради влошување на состојбата на нејзината баба. Кога се вратила, првата процена веќе била направена.
Внуката тврди дека подоцна присуствувала на дел од уште една процена и дека нејзината баба покажувала знаци на конфузија. Според нејзиниот исказ, Штегеман погрешно одговарала на прашања за членови на семејството, имала сериозно оштетен слух, а англискиот не ѝ бил мајчин јазик.
Најсериозното тврдење на семејството се однесува на случувањата два дена пред смртта. Кранендонк вели дека директно ја прашала баба ѝ дали разбира дека постапката значи дека ќе почине во петок. Според неа, Штегеман почнала да плаче и рекла дека „направила грешка“.
Семејството тврди и дека утрото на 10 јули, непосредно пред да бидат дадени лековите, Штегеман не одговорила вербално кога лекарот ѝ се обратил. Кранендонк наведува дека баба ѝ била со затворени очи и со споени раце, за кои семејството верува дека биле во молитва.
Во текот на подготовката, според нејзината внука, имало и повеќе неуспешни обиди за поставување интравенска линија, при што се појавило значително крвавење. И овие детали засега се сведоштво на семејството и не се независно потврдени.
Токму прашањето за согласноста е суштинско според канадскиот закон.
Кривичниот законик на Канада предвидува дека лицето кое бара медицински асистирана смрт мора да биде полнолетно, способно да донесува одлуки за сопственото здравје, да има тешка и неизлечива медицинска состојба, доброволно да ја поднесе молбата без надворешен притисок и да даде информирана согласност.
Потребни се и две независни медицински процени. Пациентот мора да биде информиран дека може да се откаже во секое време, а непосредно пред постапката лекарот или медицинскиот практичар по правило мора повторно да му даде можност да ја повлече одлуката и да утврди дека постои изречна согласност.
Постои исклучок за лица чија природна смрт е разумно предвидлива. Тие можат однапред писмено да се договорат постапката да биде извршена и ако во меѓувреме ја изгубат способноста за давање согласност. Но законот е јасен дека ако лицето во моментот на постапката со зборови, звуци или гестови покаже одбивање или отпор, таквата претходна согласност повеќе не може да се користи.
Канадските професионални стандарди дополнително нагласуваат дека согласност за MAID мора да дојде од самиот пациент. Полномошник или член на семејството не може да одлучи за асистирана смрт во име на лице кое не е способно да ја донесе таа одлука.
Тоа е важно и во конкретниот случај бидејќи Кранендонк имала полномошно за личната грижа на својата баба. Таквото полномошно ѝ овозможува улога во многу здравствени одлуки ако пациентот е неспособен, но не ѝ дава право ниту да побара ниту да одобри MAID наместо него.
Сега институциите треба да утврдат дали Штегеман била способна да донесе одлука кога ја поднела молбата, дали нејзината согласност била доброволна и информирана и што точно се случило непосредно пред да ѝ бидат дадени лековите.
Во Онтарио секоја смрт преку MAID задолжително се пријавува до Канцеларијата на главниот коронер. Од јануари годинава таму функционира зајакнат систем за надзор, кој овозможува дополнителна проверка кога постојат сомнежи за способноста за одлучување, проблеми со постапката или приговори од семејството.
Ваквите случаи не се автоматски доказ дека системот не функционира, но токму затоа се предвидени контролни механизми. Податоците од Онтарио покажуваат дека во 2023 година биле дополнително разгледани 512 случаи поради различни околности, меѓу кои прашања за способноста за одлучување, начинот на спроведување или загриженост на семејството, а 315 случаи завршиле со истрага на коронер.
MAID е легален во Канада од 2016 година. Според последниот целосен извештај на Health Canada, во 2024 година медицински асистирана смрт добиле 16.499 лица, што претставувало околу 5,1 процент од сите смртни случаи во земјата. Кај 95,6 проценти природната смрт била оценета како разумно предвидлива.
Случајот со Штегеман сега треба да даде одговор на многу потесно, но суштинско прашање – дали строгите услови што канадскиот закон ги поставува за доброволност, способност и согласност навистина биле исполнети на 10 јули.

