Бројот на загинатите во рускиот напад со беспилотни летала врз Киев се зголеми на три, соопшти градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко.
Меѓу жртвите е и 14-годишно момче, кое загинало откако руски дрон погодил 16-катна станбена зграда во централниот Печерски округ. Леталото удрило во објектот во висина на десеттиот и единаесеттиот кат, по што избувнал пожар.
Во нападите била погодена и деловна зграда, каде што, според информациите што ги објави Кличко, загинале повеќе лица. Најмалку седуммина се повредени, а дел од украинските извори објавија дека бројот на повредените подоцна се зголемил на девет.
Спасувачките екипи интервенирале на повеќе локации во градот. Оштетувања биле регистрирани и во Соломјанскиот и Подилскиот округ, каде што биле погодени станбени и нестанбени објекти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, нарекувајќи го „нехуман и одвратен“ и удар без воена логика. Тој соопшти дека од почетокот на денот под руски напади биле Киев и уште осум украински региони.

