Западнонилската треска ја однесе десеттата жртва во Македонија

Седумдесетгодишен маж починал од западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести во Скопје, со што бројот на смртни случаи од вирусот во Македонија годинава се зголеми на десет.

Пациентот починал во текот на викендот, откако повеќе од 50 дена се лекувал на Клиниката за инфективни болести.

Последниот официјален извештај на Институтот за јавно здравје, со податоци заклучно со 22 септември, покажуваше вкупно 70 регистрирани случаи на западнонилска треска во земјата. Од нив, 65 биле потврдени, а пет се воделе како веројатни случаи.

Најголем дел од заболените – 63 – биле од Скопје, тројца од Велес, а по еден случај бил регистриран кај жители на Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово.

Од вкупно 70 заболени, 68 развиле невроинвазивна форма на болеста и биле хоспитализирани. Најголем дел од пациентите се повозрасни – 57 од регистрираните случаи биле кај лица над 60 години.

До 22 септември официјално беа евидентирани девет смртни случаи. Сите починати дотогаш биле мажи, со просечна возраст од 71,1 година, а кај осум биле регистрирани и други придружни заболувања.

Со последниот смртен исход бројот на жртви годинава се искачува на десет.

Институтот за јавно здравје оценува дека во 2026 година има значително зголемување на бројот на случаи во споредба со претходните години, со најизразена концентрација во Скопскиот Регион. Најмногу случаи се регистрирани во Кисела Вода и Гази Баба.

Западнонилската треска во Македонија првпат била регистрирана во 2011 година. Од 2011 до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи.

ИЈЗ препорачува продолжување на контролата на комарците и лична заштита од убоди, особено во периодите од денот кога тие се најактивни.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?