Која е најдобрата телевизиска серија на 21 век? „The New York Times“ се обиде да даде одговор со голем избор во кој учествувале повеќе од 500 актери, сценаристи, продуценти, шоуранери и други професионалци од телевизиската индустрија.
Резултатот е листа од 100 серии што оставиле најголема трага на телевизијата од почетокот на векот, а на самиот врв се најде „Breaking Bad“.
Во изборот биле земени предвид само серии чија премиера била по 1 јануари 2000 година. Токму затоа меѓу нив ја нема „The Sopranos“, иако редовно се појавува на листите на најдобрите телевизиски серии во историјата – првата епизода беше емитувана во 1999 година.
Еве кои серии влегоа во првите десет:
- „Breaking Bad“
Приказната за професорот по хемија Волтер Вајт, кој по тешка дијагноза влегува во светот на производство и продажба на метамфетамин, го освои првото место. Серијата со Брајан Кренстон и Арон Пол се емитуваше од 2008 до 2013 година и освои 16 награди „Еми“.
- „The Wire“
Криминалот, полицијата, политиката, образованието и медиумите во Балтимор се прикажани како делови од еден ист систем. „The Wire“ денес се смета за една од највлијателните телевизиски драми, иако во текот на своето емитување не освои ниту една награда „Еми“.
- „Mad Men“
Дон Дрејпер и светот на њујоршките рекламни агенции од шеесеттите години го освоија третото место. Серијата стана препознатлива по бавното и детално градење на ликовите и приказната, а во седум сезони освои 16 награди „Еми“.
- „Succession“
Семејството Рој и бескомпромисната борба за контрола врз нивната медиумска империја ја донесоа „Succession“ на четвртото место. Серијата заврши во 2023 година по четири сезони и освои 19 награди „Еми“.
- „Fleabag“
Само две сезони ѝ беа доволни на Фиби Волер-Бриџ за „Fleabag“ да стане една од највлијателните комедии во поновата телевизиска историја. Нејзиното директно обраќање кон гледачите, црниот хумор и отворениот пристап кон сексот, загубата и осаменоста ѝ донесоа место меѓу најдобрите пет.
- „Game of Thrones“
Телевизиската адаптација на светот создаден од Џорџ Р. Р. Мартин прерасна во глобален феномен. Осумте сезони на борбата за Железниот престол освоија вкупно 59 награди „Еми“.
- „Veep“
Политичката сатира со Џулија Луис-Драјфус како Селина Мајер ја претвори американската политика во брза и безмилосна комедија. Во седум сезони серијата освои 17 награди „Еми“.
- „30 Rock“
Тина Феј ја создаде и ја предводеше комедијата за хаотичниот свет зад една телевизиска емисија. „30 Rock“ се емитуваше седум сезони и освои 16 награди „Еми“.
- „Curb Your Enthusiasm“
Лери Дејвид игра претерана верзија од самиот себе во серија во која најобичните ситуации редовно завршуваат во апсурден хаос. „Curb Your Enthusiasm“ траеше дури 12 сезони, од 2000 до 2024 година.
- „Atlanta“
Серијата на Доналд Гловер ја заокружува првата десетка. Приказната за двајца братучеди кои се обидуваат да успеат на рап-сцената во Атланта ги спои комедијата, надреализмот и приказните за расата, класата, сиромаштијата и семејството.
Изборот на „The New York Times“ не се ограничува само на класични телевизиски драми и комедии. Меѓу 100-те се најдоа и „The Office“, „True Detective“, „Severance“, „Shogun“, „The Pitt“, „Battlestar Galactica“, но и реални и забавни формати како „RuPaul’s Drag Race“.
А листата веројатно ќе отвори и бескрајна расправа меѓу љубителите на серии: дали „Breaking Bad“ навистина заслужува да биде број еден – и која серија недостига меѓу првите десет?

