Цар Самоил починал пред повеќе од илјада години. Но, судејќи според она што се случува со неговите претпоставени останки денес, неговата улога во балканската политика очигледно сè уште не е завршена.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Првпат во Мала Преспа бев во 2018 година, а оттогаш се вратив уште три пати во тој крај, кој поради некоја причина секогаш ме тера повторно да одам таму. Имав и една необична епизода, можност легално да ја преминам границата на преминот кој сè уште не функционира, кај Маркова Нога, односно Долно Дупени од наша страна, кон грчкиот дел на Преспа и селото Герман. Станува збор за само неколку километри пат кои физички ги делат двата дела на Преспа, но политички и административно со децении значат многу повеќе од тоа.
Фактот што овој премин толку долго не функционира е вистинска трагедија за регионот. Преспа е една природна, историска и економска целина поделена меѓу три држави, а наместо границите постепено да стануваат административни линии низ кои луѓето лесно поминуваат, тие сè уште во голема мера ја определуваат економската географија на просторот.
Мала Преспа, од грчката страна, е особено убава. Ќе употребам дури и збор кој ретко го користам кога пишувам за места – има нешто волшебно во тој предел. Но, многу поважно од мојот личен впечаток е што на релативно мал простор се преклопуваат природно богатство, археологија, средновековна историја и една од најинтересните приказни на Балканот од крајот на X и почетокот на XI век.
Поводот да се навратам на Мала Преспа сега е сосема конкретен. Според информациите објавени по изјавата на Румен Радев, Бугарија и Грција постигнале договор за пренесување на посмртните останки што се идентификуваат како останки на цар Самоил.
На 3 октомври во Музејот на византиската култура во Солун треба да се одржи церемонијата на нивното официјално предавање на бугарската држава, по што тие треба да бидат пренесени во Софија и положени во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“. Според истата информација, ќе бидат предадени и останките од уште два саркофага од базиликата на Свети Ахил, кои се поврзуваат со Гаврил Радомир и со други членови на владетелското семејство.
Пред да преминам на кокретните тези, морам да појаснам што вели официјално археологијата за остатоците пронајдени во базилита во мала Преспа.
Ќе бидам сурово објективен и ќе ви пренесам фактографија.
Грчкиот археолог и професор Николаос Муцопулос во шеесеттите години на минатиот век ја истражувал големата базилика на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро. Во јужниот дел биле откриени четири погреби на личности со висок статус, кои Муцопулос ги поврзал со владетелското семејство на Комитопулите, а еден од скелетите го идентификувал како скелетот на Самоил. Денешната официјална грчка презентација на локалитетот е внимателна и зборува за четири важни личности, веројатно припадници на владетелското семејство, при што еден од погребите потенцијално може да му припаѓа на самиот Самоил.

Постојат аргументи кои ја прават идентификацијата сериозна. Станува збор за базиликата што истражувањата ја поврзуваат со Самоил, погребот одговара на времето и статусот, а на скелетот е забележана стара повреда на левата подлактица. Подоцнежните антрополошки анализи ја поврзувале таа повреда со историските податоци за ранувањето на Самоил кај Сперхеј. Сето тоа ја поддржува хипотезата на Муцопулос, но не претставува идентификација од типот што денес би ја сметале за апсолутен форензички доказ.
Но, не сакам да развивам теза дека Бугарија сега ќе добие човечки останки кои не му припаѓаат на Самоил. Напротив тие ќе добијат човечки останки кои изразено во проценти се над 70% со шанса дека е Самоил (ова е мој личен заклучок врз основа на познатите информации). Од друга страна сакајќи да сум одговорен во тоа што го пишувам стои и фактот дека не е можно безрезервното прогласување дека идентитетот е научно докажан.
Тоа што мене повеќе ме интересира е нешто сосема друго. Или, што значи одлуката останките да заминат од Грција и да бидат трајно положени во Софија.
Токму тука мислам дека официјална Атина прилично нелогично и би рекол наивно се откажува од една исклучително интересна можност.
Островот Свети Ахил веќе ги има речиси сите предуслови за природен историски музеј. Таму е базиликата, таму се откриени гробовите, таму е археолошкиот контекст во кој тие добиваат смисла и таму е пределот во кој се одвивал значаен дел од приказната за Самоил. Грчките институции веќе го имаат уредувано и конзервирано локалитетот, а самиот остров денес е едно од најатрактивните места за посета во Преспа.
Замислете сега мал, современо конципиран музеј на Самоил и неговото време токму на тој простор, со останките вратени од Солун во археолошкиот контекст во кој биле пронајдени, со базиликата како централна точка и со целата историја раскажана преку археологијата, Византија, Самоиловата држава и средновековниот Балкан. Таквиот проект не би морал да одговара на прашањето „чиј е Самоил“. Напротив, токму грчката страна можеше да направи музеј во кој различните национални историографии ќе бидат претставени како дел од една поширока балканска и европска приказна.
Економската логика е уште поочигледна. Преминот Маркова Нога–Лемос конечно е дел од конкретен европски проект. Актуелниот проект BorPres2, со буџет од околу 7,7 милиони евра и период на реализација од 2025 до 2028 година, токму преку отворањето на преминот треба да ја подобри прекуграничната мобилност и да го поттикне економскиот развој на Преспанскиот регион.
Со неговото отворање картата на Преспа суштински се менува. Македонска Преспа, Мала Преспа во Грција и поширокиот простор кон Пустец во Албанија добиваат можност многу повеќе да функционираат како поврзан регион. Во таков простор, историски центар посветен на Самоил на Свети Ахил не би бил само уште еден археолошки локалитет, туку потенцијална туристичка и научна точка околу која може да се создаваат маршрути, сместувачки капацитети, угостителство, локални производи, научни собири и прекугранични културни проекти.
Убеден сум дека таму би доаѓале посетители и од Бугарија, и од Македонија, но и туристи кои немаат никаква потреба да учествуваат во нашите бескрајни балкански расправи за сопственоста врз средновековните владетели.
И тоа што сакам сега јавно да кажам е дека идејата за Самоиловите останки да бидат вратени токму во базиликата на Свети Ахил ја презентирав уште во 2020 година пред поширок аудиториум во Солун, во кој имаше политичари, економисти и историчари. Се работеше за потполно неформална средба за размена на идеи и концепти во насока на зајакнување на регионална културна соработка. Во тој период ми се чинеше дека постои добар амбиент грчката страна да размислува за таков проект, особено затоа што прекуграничниот карактер на Преспа отвораше можност и за користење европски фондови.
За Мала Преспа тоа, според мене, ќе имаше сериозно економско значење, но корист ќе имавме и ние како држава повеќе од очигледно. Отворањето на преминот и создавањето силна историско-културна точка на само неколку километри од нашата граница ќе го зголемеше движењето низ целиот регион. Преспа не може да се развива оптимално ако секоја од трите држави го гледа само сопствениот брег на езерото.
Наместо тоа, Атина во 2026 година носи поинаква одлука за употреба на истиот историски материјал. Со договорот со Софија, останките се одвојуваат од археолошкиот простор во кој биле пронајдени и се пренесуваат во национален меморијален контекст во бугарската престолнина.
За Софија значењето на таквиот потег е очигледно. Бугарската држава со децении бара нивно пренесување, а самиот Радев договорот го претставува како исполнување на стремеж што датира од откритието на Муцопулос во 1965 година. Останките во Софија неизбежно ќе станат дел од бугарската државна меморијална политика околу Самоил, а бугарскиот претседател и претходно јавно го поставувал владетелот во рамките на „Самоилова Бугарија“ и бугарската средновековна историја.
Тоа е многу посилен симболички инструмент од коски чувани во депо или музеј во Солун. Материјалниот остаток, саркофагот, церемонијата, државниот протокол и местото на трајното положување создаваат нешто што историските расправи сами по себе не можат лесно да го создада односно физичко место на национална меморија.
Дипломатско политичката порака е јасно каде се испраќа – кон нас во Скопје.
Не мислам дека одговорот од наша страна треба да биде уште една балканска расправија околу тоа кому му припаѓа Самоил. Но, Македонија има сопствен интерес да биде присутна во културната, научната и дипломатската обработка на ова историско наследство. Во последниве години не направивме доволно за преку културната дипломатија и конкретните проекти со Грција да создадеме заеднички простор во кој ваквите прашања ќе произведуваат соработка наместо нови национални ровови. За односите со Софија, пак, добро знаеме колку средновековната историја одамна престана да биде само предмет на историчарите и стана дел од современата политика.
Токму затоа целата приказна ми изгледа како пропуштена можност многу поголема од прашањето каде физички ќе се наоѓаат неколку човечки останки.
Самоил можеше по илјада години да стане основа за нешто многу посовремено од балканските историски спорови. Музеј на местото каде што се претпоставува дека бил погребан, научен центар, туристичка дестинација и една од точките што ќе ги поврзуваат трите дела на Преспа. Со отворен премин кај Маркова Нога, островот Свети Ахил, Отешево, Долно Дупени, Герман и просторот кон Пустец веќе не би морале да се гледаат како периферии на три различни држави, туку како делови од еден заеднички европски регион.
Наместо тоа, останките патуваат од Солун кон Софија, каде што ќе добијат сосема друга функција не толку археолошка и регионална, колку државна и меморијална.
И можеби токму во тоа се гледа една стара балканска навика која очигледно преживува многу подолго од се останато или кога историјата може да стане ресурс за економско поврзување, култура и развој, ние многу често повторно ја претвораме во ресурс на националната дипломатија.
Цар Самоил починал пред повеќе од илјада години. Но, судејќи според она што се случува со неговите претпоставени останки денес, неговата улога во балканската политика очигледно сè уште не е завршена.

