Поранешната претседателка на Република Српска, Биљана Плавшиќ, почина денеска во Белград на 96-годишна возраст. Погребот се очекува да биде одржан во Бања Лука.
Плавшиќ беше една од најпознатите политички фигури во Босна и Херцеговина во текот на војната во 1990-тите. Беше член на Претседателството на тогашна Босна и Херцеговина, пратеничка во Народното собрание на Република Српска, а подоцна и претседателка на ентитетот.
Во 2002 година пред Хашкиот трибунал таа призна вина по една точка од обвинението – прогон на политичка, расна и верска основа, квалификуван како злосторство против човештвото. Во февруари 2003 година беше осудена на 11 години затвор.
Според фактите утврдени во постапката, обвинението се однесувало на прогон на босански муслимани, Хрвати и други несрпски жители во повеќе општини во Босна и Херцеговина во периодот од 1991 до 1992 година.
Казната ја издржуваше во Шведска, каде што беше префрлена во 2003 година. На слобода беше пуштена предвреме во октомври 2009 година.
Покрај политичката кариера, Плавшиќ беше универзитетска професорка и доктор по биолошки науки. Родена е во 1930 година во Тузла, а дел од академската кариера ја поминала на Природно-математичкиот факултет во Сараево.

