Поскапе гасот за 171 отсто, расте притисокот врз парното

гас

Цената на природниот гас во Европа од почетокот на годинава порасна за 171 отсто, а референтниот холандски TTF на крајот на неделата достигна 76,36 евра за мегават-час. Растот доаѓа непосредно пред почетокот на зимската сезона, кога потрошувачката во Европа нагло се зголемува.

Поскапувањето веќе е проблем и за Македонија. РКЕ предупреди дека земјата може да ја очекува „турбулентна грејна сезона“ доколку високите берзански цени се задржат.

Кога во јули се пресметувала новата цена на парното, природниот гас бил калкулиран по околу 40 евра за мегават-час. Денес берзанските цени се движат над 70 евра, а во одредени периоди достигнувале и околу 80 евра.

Тоа значи дека парното, кое од 1 август веќе поскапе во просек за 5,96 отсто за корисниците на системот на ЕСМ, е пресметано со значително пониска цена на гасот од сегашната.

Доколку високите цени продолжат и по почетокот на грејната сезона, компаниите за производство и снабдување со топлинска енергија би можеле да побараат нова пресметка на трошоците.

Официјалната грејна сезона почнува на 15 октомври и трае до 15 април, а греењето може да започне и порано доколку температурите паднат под пропишаниот праг.

Растот на гасот не е изолиран. Нафтата „Брент“ од почетокот на годината е поскапа за околу 69 отсто, американската WTI за 59 отсто, а јагленот за околу 39 отсто. На европскиот енергетски пазар дополнителен притисок создаваат ограничените испораки на течен природен гас и геополитичките тензии.

Европските држави годинава веќе потрошија речиси 18 милијарди евра за мерки со кои се ублажува ударот од поскапувањето на енергијата врз домаќинствата и компаниите. Европската комисија предупредува дека новиот енергетски ценовен шок повторно создава инфлациски и буџетски притисок.

За Македонија клучно ќе биде дали европската цена на гасот ќе се стабилизира во следните недели. Доколку остане на сегашните нивоа, притисокот врз трошоците за производство на топлинска енергија ќе расте токму во периодот кога започнува најголемата потрошувачка.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?