Венко Филипче во изминатите две години упорно повторуваше три тези за македонската евроинтеграција: дека Европската унија го признава македонскиот јазик и идентитет, дека внесувањето на Бугарите и другите заедници во Уставот само по себе не ги менува идентитетските одредници и дека стравот од губење на идентитетот не треба да биде причина за блокирање на преговорите.
По последната посета на Урсула фон дер Лајен на Скопје, првите две тврдења добија директна потврда од претседателката на Европската комисија.
„Ја пречекуваме Македонија со нејзиниот идентитет и нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат само да ја направат нашата Унија побогата“, порача Фон дер Лајен.
Во истото обраќање таа рече и дека останува „еден клучен чекор“ пред Македонија да може да го отвори кластерот Основи.
Тоа е суштината на спорот што домашната политика го води со години: дали исполнувањето на условот за уставни измени го загрозува македонскиот идентитет или станува збор за политички услов кој не ги менува јазикот и националното самоопределување.
Кога изјавите на Филипче ќе се споредат со официјалните документи и повеќегодишните пораки од Европската комисија, неговата клучна фактографска теза – дека ЕУ не бара откажување од македонскиот јазик и идентитет – е потврдена.
Од 2024 година Филипче тврдеше дека прашањето треба да се симне од идентитетско на малцинско ниво
Уште на 1 октомври 2024 година, само неколку месеци откако го презеде СДСМ, Филипче го бранеше европскиот договор од 2022 година со теза дека внесувањето на Бугарите во Уставот, наместо да го негира македонскиот народ, практично ја прави токму спротивната разлика.
Неговата аргументација беше дека доколку Бугарите се наведат како посебна заедница во македонскиот Устав, тогаш тие се дефинираат како малцинство одделно од македонскиот народ.
„За првпат после повеќе децении паѓа во вода еден дел од бугарската политика дека ние сме еден народ во две држави“, рече тогаш Филипче.
Во Преамбулата, по бошњачкиот народ, треба да се додадат бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ. Истите заедници се додаваат и во деловите поврзани со дијаспората и Комитетот за односи меѓу заедниците.
Предлогот не го брише македонскиот народ од Преамбулата. Не го менува уставниот статус на македонскиот јазик. Не воведува одредба со која македонскиот народ се дефинира како бугарски, ниту се менува неговото име.
Тоа е важно затоа што токму тука може да се направи разлика меѓу политичкиот страв од можни идни барања и она што навистина стои во текстот што треба да се гласа.
Во 2025 година Филипче постави и свои црвени линии.
Неговата позиција не беше едноставно дека Македонија треба да прифати сè што ќе биде побарано на европскиот пат.
Во септември 2025 година Филипче предложи резолуција во која јазикот, идентитетот, историјата и културните особености ги постави како прашања за кои не смее да се преговара.
Тогаш рече дека доколку во текот на пристапувањето европска институција или земја членка отвори барање кое го проблематизира македонскиот јазик или друга идентитетска одредница, а тоа барање е надвор од преговарачката рамка и Копенхашките критериуми, државниот врв треба заеднички да реагира пред институциите на ЕУ.
Тоа е битен дел од неговата позиција, затоа што ја прави посложена од едноставната поделба „за“ или „против“ уставните измени.
Филипче истовремено тврдеше две работи: сегашните уставни измени не го загрозуваат идентитетот, но евентуални идни идентитетски барања не треба да бидат дозволени.
Токму затоа нема суштинска противречност меѓу неговата оценка од 2024 година дека договорената рамка претставува дипломатски успех и неговото барање од 2025 година државата дополнително да ги дефинира сопствените црвени линии.
Во 2026 година ставот стана уште подиректен.
На 5 мај годинава, на Денот на македонскиот јазик, Филипче јавно тврдеше дека македонскиот јазик е признат во европските документи и го посочи договорот со Фронтекс од 2022 година.
Тоа може фактографски да се провери.
Договорот со Фронтекс беше потпишан и на македонски јазик, без фуснота и без дополнително објаснување за неговото име.
Урсула фон дер Лајен уште во 2022 година тоа го претстави токму како доказ за европскиот однос кон јазикот. Тогаш во Скопје порача дека договорот е преведен на македонски, без фуснота и без ѕвездичка, рамноправно со јазиците на ЕУ.
На 10 мај 2026 година Филипче повторно тврдеше дека внесувањето на малцинствата во Уставот не го загрозува македонскиот национален идентитет.
Два дена подоцна неговата формулација беше уште појасна: нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамките на Европската унија.
На 20 мај рече дека „ЕУ не го загрозува македонскиот идентитет“ и дека предложените уставни измени не менуваат ниту една идентитетска одредница.
Истата позиција ја повторуваше во мај, јуни, септември и повторно непосредно пред посетата на Фон дер Лајен.
Утрото на 2 октомври, само неколку часа пред нејзината прес-конференција со Мицкоски, Филипче повторно изјави дека македонскиот јазик и идентитет не се под закана од ЕУ.
Неколку часа подоцна претседателката на Европската комисија во Владата кажа речиси исто.
Фон дер Лајен ова не го кажа првпат.
Последната изјава не е изолиран дипломатски комплимент.
Во јули 2022 година, кога во македонското Собрание се водеше најжестоката дебата за таканаречениот француски предлог, Фон дер Лајен рече дека нема сомнение дека македонскиот јазик е македонски јазик и дека ревидираниот европски предлог го наведува без квалификација од страна на ЕУ.
Тогаш кажа и дека предлогот го почитува националниот идентитет и принципот на самоопределување.
Неколку месеци подоцна, при потпишувањето на договорот со Фронтекс, повторно порача дека ЕУ целосно ги почитува македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Во октомври 2023 година нејзината формулација беше уште подиректна – дека е убедена оти ЕУ еден ден ќе ја пречека Македонија „со нејзиниот уникатен идентитет и сопствен јазик“ и дека македонскиот ќе стане еден од официјалните јазици на Унијата по членството.
Во октомври 2026 година пораката практично остана непроменета.
Македонија е добредојдена со својот идентитет и јазик.
Тоа значи дека Филипче не се повикува на теза која Европската комисија ја измисли оваа недела. Тој во изминатите две години политички ја застапуваше позицијата што Европската комисија ја има јавно кажувано уште од 2022 година.
Фактите тука се прилично едноставни
Кога политичката реторика ќе се тргне настрана, остануваат неколку проверливи факти.
Европската комисија го користи терминот „македонски јазик“.
Фон дер Лајен повеќепати јавно зборува за македонски идентитет, јазик и култура.
Договорот со Фронтекс е потпишан на македонски јазик без фуснота.
Предложените уставни измени не го менуваат членот што го утврдува македонскиот јазик како службен јазик.
Во Преамбулата останува македонскиот народ, а се додаваат уште шест заедници.
ЕУ и натаму бара тие уставни измени да бидат направени пред отворањето на кластерот Основи.
Токму на овие точки, Филипче зборувал во согласност со она што стои во документите и со она што го кажува Европската комисија.
Бугарскиот став не е исто што и ставот на Европската унија
Токму ова често се меша во домашната дебата.
Софија има свои позиции за македонскиот јазик, историјата и идентитетот. Бугарија во европските процеси има доставувано и сопствени еднострани изјави и позиции.
Но едностраната позиција на една земја членка не е исто што и официјалната позиција на Европската комисија.
Европската комисија во своите јавни настапи не ја користи бугарската формула за јазикот. Напротив, Фон дер Лајен го нарекува македонски.
Токму тоа Филипче го потенцира со години – дека треба да се прави разлика меѓу спорот со Софија и ставот на европските институции.
Последната изјава на Фон дер Лајен практично ја исцрта таа разлика пред камерите во Скопје.
15 важни датуми од современата промоција и верификација на македонскиот јазик
- 1 август 2017 година – На македонски јазик и на бугарски јазик е потпишан Договорот за добрососедство, соработка и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугрија.
- 17 јуни 2018 година – Македонскиот јазик е потврден и признаен и од Република Грција, во рамки на Договорот од Преспа потпишан меѓу двете држави.
- 22 јануари 2019 година – Заврши реконструкцијата на родната куќа (спомен дом) на основоположникот на современиот македонски јазик, граматика и правопис, Блаже Конески во селото Небрегово, во општина Долнени.
- 14 февруари 2019 година – Македонскиот јазик е потврден како официјален во личната карта на Северна Македонија во Обединетите Нации.
- 15 април 2019 година – на 130 седница на Владата, 5 Мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
- 7 декември 2019 – Владата и НУБ “Климент Охридски”, во очи патрониот празник на Универзитетската билбиотека објавија бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на www.pravopis.mk
- 27 март 2020 година – Република Северна Македонија стана 30 земја-членка на НАТО со македонскиот јазик како единствен службен јазик за меѓународна употреба
- 5 мај 2021 – Владата ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен вкупниот фонд од преку 100.000 зборови од „Толковниот речник на македонскиот јазик“.
- 19 декември 2021 година – Со серија активности во текот на целата година беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на големиот македонист Блаже Конески
- 18 јули 2022 година – Македонскиот јазик добива дополнителна верификација од страна на Советот на Европската Унија, со усвојувањето на преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ – во неа е јасно предвидено да се преведе на македонски јазик целокупното законодавство на ЕУ со што нашиот јазик станува еднаков со сите други јазици на Европската Унија.
- 19 март 2023 година – Македонскиот јазик доби потврда во Грција, откако судот во Лерин одлучи дека Центарот за македонски јазик во овој град е законски регистрирана невладина организација. Основниот суд во Лерин ги одби сите тужби за укинување на овој центар, кој официјално беше регистриран во ноември 2022 година.
- 1 август 2023 година – Републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци. Подоцна резолуцијата беше усвоена во државите Мичиген и Илиноис.
- 5 декември 2023 година – Службите на ЕУ распишаа оглас за преведувачи на македонски јазик кои ќе работат за Европскиот Парламент, Европската комисија или за Европскиот суд на правдата.
- Свечено отвoрање на лекторат по македонски јазик, литература и култура (на ниво на бесплатен курс) во Тирана
- 26 јануари 2024 година – Собранието ги усвои измените на Законот за употреба на македонскиот јазик кој содржи многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.

