Каранфилова Пановска: Мицкоски ја држи Македонија во изолација

Каранфилова Пановска, заменик-претседателка на СДСМ, го обвини премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека со „лажен профитерски патриотизам“ го блокираат европскиот пат на Македонија и ја туркаат државата во изолација. Во интервју за емисијата „Топ тема“ на Телма, таа предупреди дека повторното отворање на преговарачката рамка со Европската Унија би донело дополнително одолговлекување на интеграциите.

Каранфилова Пановска се повика на пораките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека тие потврдуваат оти македонскиот јазик и идентитет не се загрозени во европскиот процес. Според неа, власта продолжува да го користи идентитетското прашање како оправдување за застојот, иако преговарачката рамка веќе е усогласена со сите 27 членки на ЕУ.

Во тој контекст, таа ја проблематизираше најавената посета на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија, поставувајќи го прашањето дали Владата има намера повторно да преговара за веќе договорените услови.

„Дали има намера да репреговара нешто околу преговарачката рамка? А со тоа и околу идентитетот?“, праша Каранфилова Пановска.

Таа оцени дека Македонија нема потреба повторно да ги отвора прашањата што, според неа, се утврдени во рамката, особено преку билатерални разговори со Бугарија. Предупреди дека таквиот потег би носел ризици и би барал ново усогласување со сите држави членки, со неизвесни последици за времетраењето на преговорите.

„И што значи тоа? Дека ние ќе останеме блокирани вечно? Мислам дека ни е јасно што треба да направиме да не губиме времето и моментот“, рече таа.

Каранфилова Пановска ја обвини власта дека со своите политики ја оддалечува Македонија од позицијата на предводник во европските интеграции. Нејзината оценка е дека реториката на ВМРО-ДПМНЕ ја продлабочува изолацијата и им служи на партиските интереси.

„Државата е на раб на пропаст“, рече таа, предупредувајќи дека Македонија е доведена во опасност да остане „црна дупка на Балканот“.

Обвинувањата ги прошири и врз економската и социјалната состојба. На ВМРО-ДПМНЕ му припиша одговорност за иселувањето на младите, задолжувањата и за, како што ги нарече, „огромните дупки“ во државниот буџет и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Таа порача дека партијата ќе сноси сериозна одговорност за блокирањето на иднината на државата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?