Претседателот на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, постојаниот известувач за БиХ, Пауло Рангел и претседателот на постојаната делегација за односи со Косово и БиХ, Ромео Франц, денеска остро го осудија загрозувањето на уставниот поредок на БиХ и побараа итно воведување санкции за одговорните.
Во заедничката изјава тие реагираа на кризата во Босна и Херцеговина предизвикана од обидите на властите на Република Српска, предводени од Милорад Додик, да го поткопаат Уставниот суд на Босна и Херцеговина и авторитетот на високиот претставник Кристијан Шмит, опишувајќи го тоа како провокација поради која ЕУ мора веднаш да реагира, бидејќи се во прашање нејзиниот углед и кредибилитет.
„Најостро го осудуваме донесувањето на законот во Народното собрание на Република Српска за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и измените на законот на РС за објавување закони и други прописи, што е директен удар на уставниот поредок и јасно кршење на Дејтонскиот договор“, стои во изјавата потпишана од Мекалистер, Рангел и Франц.
Додаваат дека затоа ја поддржуваат одлуката на високиот претставник за Босна и Херцеговина од 1 јули, со која тој ги поништи спорните закони и го измени Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со што се отвори пат за кривично гонење на одговорните за загрозување на уставниот поредок на државата.
Потсетувајќи како Шмит рекол дека „сите опции се сè уште на маса“, тројцата влијателни европски парламентарци истакнаа дека сега е неопходно органите на ЕУ да реагираат и да го поддржат високиот претставник во согласност со претходните повици на Европскиот парламент, односно да преземат насочени мерки против оние кои го поткопуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина „со зборови и со дела“.
„Крајно време е ЕУ и нејзините земји-членки конечно да воведат насочени санкции против Милорад Додик, кој веќе е под санкции од САД и Велика Британија, како и од неговите сојузници, доколку е потребно на билатерално ниво“, се вели во изјавата во која очигледно се алудира на тоа дека некои земји како Унгарија се против санкционирањето на Додик, па останува тоа да го направат членките на ЕУ поединечно.
Тројца европарламентарци заклучија дека реакцијата е неопходна бидејќи БиХ е во статус на кандидат за членство, па не може да се дозволи „дрскиот сецесионист и неговите следбеници, вклучително и ентитетскиот парламент, систематски да ја поткопуваат земјата и нејзината иднина во Европа и да го доведуваат во прашање мирот и стабилноста“.