Франција ја суспендира употребата на шок бомби на ученичките протести

Француската влада привремено ја суспендира употребата на шок бомби при полициските интервенции на ученичките протести, откако 15-годишно момче остана без дланка во судир со полицијата во северниот град Ленс.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез денес соопшти дека наредил суспензија додека целосно не се утврдат околностите под кои е повредено момчето. Според него, постои „голема веројатност“ повредата да била предизвикана од несмртоносна шок бомба употребена од полицијата.

Одлуката доаѓа по повеќе од две недели протести на средношколците низ Франција, кои бараат подобри услови во училиштата, повеќе наставници и поголеми инвестиции во образованието. Протестите во меѓувреме прераснаа во најголемото ученичко движење во земјата во последните децении.

Во вторникот на улиците излегоа околу 266.000 луѓе според Министерството за внатрешни работи, додека организаторите тврдат дека бројката достигнала 450.000. Само во Париз официјално биле регистрирани 56.000 демонстранти.

Тензиите дополнително се зголемија по серијата тешки повреди на малолетници. Покрај 15-годишникот кој остана без дланка, еден 16-годишник го загубил окото, а 14-годишно момче било погодено во лицето со солзавец. Француските власти отворија повеќе истраги за полициските интервенции.

Протестите не стивнуваат. Повеќе од 500 училишта денес останаа затворени, а синдикатите и ученичките организации најавуваат нови демонстрации.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?