Антивладини демонстранти ја обоија во црвено водата во познатата фонтана на плоштадот Дизенгоф во Тел Авив, додека Израел денес одбележува три години од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Црвената вода треба да ја симболизира крвта на жртвите, а околу фонтаната, која и претходно се користеше како место за сеќавање, беа поставени фотографии, цвеќиња, свеќи и пораки.
Дел од демонстрантите рано утрово накратко го блокираа автопатот Ајалон, една од главните сообраќајници во Тел Авив, каде одржаа минута молк за загинатите во нападот и во војната што следуваше. Протести имаше и на други локации низ земјата, како и пред домовите на министри.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки „Народот ќе ги памети своите синови и ќерки“ и „Целосен неуспех“, а на дел од нив имаше фотографија од премиерот Бенјамин Нетанјаху со зборот „виновен“.
Антивладините групи бараат независна истрага за безбедносните и разузнавачките пропусти што му претходеа на нападот од 7 октомври. Нетанјаху досега се спротивставуваше на барањата за независна истрага за нападот.
Уште една впечатлива инсталација беше поставена на плажа во Тел Авив. На песокот беа наредени околу 1.200 човечки фигури во знак на сеќавање на луѓето убиени на 7 октомври, покрај голем натпис „Целосен неуспех“.
Одбележувањето започна во 6:29 часот наутро, во времето кога пред три години започна нападот. Комеморации се одржуваат и во Кфар Аза и на местото на фестивалот Нова кај Реим, каде беа убиени стотици луѓе.
Во нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено како заложник. Во израелската воена операција што следуваше во Газа, според тамошните здравствени власти, загинаа повеќе од 74.000 Палестинци.

