Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, ја обвини Владата дека не ги исполнила ветувањата кон земјоделците и дека со своите политики го довела земјоделството во тешка состојба. На денешната собраниска седница тој побара поддршка за предлог-законот на СДСМ со кој се предвидуваат 4 милијарди денари помош за земјоделскиот сектор.
Талески, образложувајќи го предлог-законот за финансиска поддршка на земјоделството, оцени дека производителите се соочуваат со ниски откупни цени, високи трошоци и неизвесен пласман, поради што сè повеќе земјоделци се откажуваат од производството.
„Ветувавте земјоделска преродба. А донесовте земјоделски пустош“, изјави Талески, посочувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски како одговорни за состојбата во секторот.
Според него, земјоделците вложуваат значителни средства во семе, ѓубрива, гориво, препарати и работна сила, но поради ниските откупни цени често не успеваат да ги покријат производствените трошоци.
Талески особено се осврна на состојбата со тутунопроизводителите, тврдејќи дека власта го прекршила предизборното ветување за повисоки субвенции и сигурен откуп.
Тој обвини дека субвенцијата за тутун е намалена од 100 на 80 денари, спротивно на ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги давала пред доаѓањето на власт.
Пратеникот предупреди и на проблемите на лозарите, за кои рече дека поради неисплатливото производство ги уништуваат сопствените насади. Слични проблеми, според него, имаат и производителите на пченица и ориз, како и сточарите и млекопроизводителите.
Талески оцени дека ваквите состојби се последица на несоодветните земјоделски политики и недостигот од сигурност за производителите.
Како одговор на проблемите, СДСМ и коалицијата предлагаат закон за финансиска поддршка за ублажување на последиците од економската криза врз земјоделството, сточарството и откупот на земјоделски производи во 2026 година.
Предлогот предвидува вкупно 4 милијарди денари финансиска поддршка, наменета за повеќе земјоделски и сточарски производства.
Талески побара навремена исплата на субвенциите, сигурни откупни цени и мерки што ќе им овозможат на земјоделците да остваруваат правична заработка од своето производство.

