„Лајка“ слави шест години со ревија на вдомени кучиња и детски работилници

ЈП „Лајка“ – Скопје во сабота, 17 октомври, ќе одбележи шест години од своето постоење со настан посветен на вдомувањето, одговорното сопствеништво и хуманиот третман на животните. Прославата ќе се одржи во „Мамбо – Авионче“ во Општина Аеродром, од 12 до 15 часот, под мотото „6 години Лајка – Не славиме бројка, славиме промена“.

Настанот ќе започне официјално во 12:30 часот, а програмата предвидува претставување на кучиња од прифатилиштето, ревија на вдомени миленици, креативни работилници за деца и изложба на детски цртежи.

Под насловот „Десет кучиња. Десет погрешни човечки одлуки“, ќе бидат претставени десет кучиња од прифатилиштето, чии приказни ќе ги прикажат последиците од напуштањето, неодговорното сопствеништво и негрижата за животните.

Посебен дел од програмата ќе биде ревијата на вдомени кучиња, на која милениците ќе бидат претставени преку нивните животни приказни, наместо според расата, изгледот или потеклото. За учесниците се предвидени признанија и награди обезбедени со поддршка од спонзорите.

Во соработка со Luna Pet Shop ќе се одржи и креативна работилница, на која децата и нивните миленици ќе можат заеднички да учествуваат во интерактивни активности.

Посетителите ќе имаат можност да разгледаат и изложба на цртежи изработени од учениците од основните училишта „Блаже Конески“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Преку цртежите, децата ги претставиле кучињата од прифатилиштето и испратиле пораки против напуштањето на домашните миленици.

Од ЈП „Лајка“ посочуваат дека целта на настанот не е само одбележување на годишнината, туку и поттикнување поширока јавна дискусија за причините за зголемувањето на бројот на бездомни кучиња.

„Проблемот со бездомните кучиња не започнува на улица и не може да се реши единствено во прифатилиште“, порачуваат од претпријатието.

Според „Лајка“, долгорочното решавање на проблемот бара одговорно сопствеништво, стерилизација, едукација, вдомување и координирано дејствување на институциите и граѓаните.

Настанот е отворен за посетители, а од претпријатието ги повикуваат граѓаните да се приклучат на одбележувањето и да дадат поддршка на одговорниот однос кон животните.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?