Телото на 58-годишниот Мишел Менар, кој починал во 2012 година, било пронајдено во ладилник на болничка мртовечница во францускиот град Тулуз, речиси 14 години по неговата смрт. Случајот бил откриен при инспекција на мртовечницата, која веќе била предмет на истрага поради сериозни неправилности во работењето.
Менар живеел сам во селото Кастелно-д’Озан, во југозападна Франција. Неговото тело било пронајдено на 5 ноември 2012 година, откако соседите забележале дека со денови не излегува од домот.
Кога пожарникарите влегле во куќата, го пронашле неговото тело во тоалетот, во состојба на распаѓање. Подоцнежната обдукција покажала дека починал од природна смрт.
Телото било пренесено во мртовечницата на универзитетската болница „Рангеј“ во Тулуз, каде што останало сè до почетокот на октомври 2026 година.
Според француските медиуми, обвинителството во Ош уште во 2013 година одобрило телото да биде предадено за погреб. Бидејќи никој од семејството не се јавил да го преземе, болницата требало да стапи во контакт со локалните власти за организирање на погребот.
Тоа, меѓутоа, не се случило.
Градоначалничката на Кастелно-д’Озан, Виржини Бусипели-Бејри, изјавила дека општината претходно комуницирала со болницата во обид да се пронајдат роднините на починатиот. Откако не добиле дополнителни информации, локалните власти претпоставиле дека телото било предадено на семејството.
Вистината излегла на виделина на 1 октомври годинава, кога полицијата ја известила градоначалничката дека останките на Менар сè уште се наоѓаат во болничкиот ладилник.
„Мислев дека станува збор за шега“, изјавила таа за францускиот весник „Ла Депеш ди Миди“, додавајќи дека не може да разбере како е можно тело да остане заборавено речиси 14 години.
Откривањето на останките се случило при проверка на просториите на мртовечницата, во рамките на поширока истрага за неправилности во чувањето човечки останки и судски доказен материјал.
Претходно, во истата болничка служба биле пронајдени останки од два фетуса и две новороденчиња, како и друг анатомски материјал, чувани во несоодветни контејнери.
Овие откритија довеле до отворање судска и административни истраги за работењето на мртовечницата.
Жителите на селото каде што живеел Менар се шокирани од случајот. Дел од нив го паметат како повлечен и љубезен човек, кој кратко време работел во локалната самоуправа.
Од Универзитетскиот медицински центар во Тулуз соопштиле дека нема да даваат дополнителни коментари додека траат истрагите.
Француските власти сега треба да утврдат како дошло до прекин во постапката за предавање на телото, зошто претходните инструкции на обвинителството не биле спроведени и како останките можеле да останат во болничкиот ладилник речиси 14 години без никој да ја забележи неправилноста.

