Доживотен затвор за сопственичката на градинка: Намерно отрула 247 деца со олово во храната

градинка во Кина

Сопственичката на градинка во кинеската покраина Гансу е осудена на доживотен затвор, откако судот утврдил дека во храната што им се служела на децата намерно биле додавани токсични материи. Високи нивоа на олово во крвта биле откриени кај 247 од вкупно 251 тестирано дете.

Судот во кинескиот град Ланџоу изрече затворски казни за шест лица поврзани со труењето на деца од предучилишна возраст во градинка во градот Тјеншуи. Според истрагата, токсични супстанции биле додавани во печива што им се служеле на децата и на вработените, со цел производите да изгледаат попривлечно за маркетиншки цели.

Сопственичката на градинката, идентификувана со иницијалите Л. Ф., е осудена на доживотен затвор. Судот наредил и конфискација на нејзиниот личен имот во вредност од околу 500.000 јуани.

Извршниот директор Жу Џинлин е осуден на 15 години затвор и парична казна од 300.000 јуани. Четворица готвачи, кои постапувале по наредбите на претпоставените, добиле затворски казни во траење од шест до осум години, како и парични казни.

Според извештајот на покраинските власти, печива со токсични материи им биле давани на децата и на персоналот еднаш месечно, почнувајќи од мај 2024 година.

Од 251 тестирано дете, кај 247 биле утврдени абнормално високи концентрации на олово во крвта. По откривањето на труењето, децата биле упатени на болничко лекување или на нутритивна терапија во домашни услови.

Клиничките анализи покажале дека по третманот нивото на олово во крвта во просек се намалило за 40,21 отсто, а биле постигнати и предвидените терапевтски цели, се наведува во извештајот.

Случајот предизвикал и проверки на работата на локалните институции. Во јули, покраинските власти соопштиле дека истражуваат 10 локални функционери, меѓу кои и директорот на здравствената комисија, како и претставници на градските власти во Тјеншуи.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?