Белата куќа покрена истрага против Ричард Гренел, поранешен специјален пратеник за Западен Балкан и близок соработник на Доналд Трамп, поради сомнежи за проневера на милионска донација наменета за центарот Кенеди. Истрагата ја нареди лично Трамп по сериозни обвинувања од сопругот на неговата поранешна советничка.
Правните советници на Белата куќа испитуваат дали Ричард Гренел му понудил пристап до американскиот претседател и највисоките владини кругови на турскиот бизнисмен Турхан Милдон во замена за парична исплата прикажана како хуманитарна помош.
Обвинувањата против Гренел прва ги изнесе поранешната советничка на Трамп, Алина Хаба, која е сопруга на Милдон. Таа тврди дека Гренел го измамил нејзиниот сопруг за сума од речиси шест милиони долари, кои биле наменети за културниот центар Кенеди во Вашингтон, со кој во тој период раководеше токму Гренел.
Клучен доказ во истрагата е порака од мај 2025 година, во која наводно се ветува приближување до администрацијата и самиот претседател откако парите ќе легнат на сметка на одредена компанија. Пораката и придружната финансиска документација веќе се предадени на правниот тим на Белата куќа.
Случајот се поврзува со поширока трансакција од 17,6 милиони долари уплатена на приватната тексашка одбранбена фирма ТXAT за софтверски договор во Демократска Република Конго. Истражителите на Белата куќа проверуваат дали дел од тие средства требало да биде пренасочен кон центарот Кенеди и утврдуваат дека парите не потекнуваат од приватната сметка на Милдон, туку од Министерството за финансии на Конго.
Ричард Гренел ги отфрли сите наводи како апсурдни невистини. Тој негира дека испратил таква порака или дека кога било побарал или примил какви било пари во име на центарот Кенеди, барајќи од обвинителите да приложат валидни материјални докази.

