Млади инструменталисти и вокални солисти ќе настапат на два бесплатни концерта од циклусот „Слободна среда“, што ќе се одржат на 21 и 28 октомври во Салонот 19:19 при Културно-информативниот центар во Скопје. Концертите започнуваат во 19 часот, а организатор е Музичка младина на Македонија.
На двата концерта ќе настапат ученици и студенти од музичките училишта и факултетите во Македонија, со програма што опфаќа дела од барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика, вклучително и композиции од македонски автори.
„Слободна среда“ е концертна платформа на Музичка младина на Македонија, наменета за афирмација на младите музички таленти и стекнување сценско искуство.
Преку оваа иницијатива, младите изведувачи добиваат можност да настапуваат пред публика, да го развиваат својот музички израз и да воспоставуваат соработка со други музичари.
Од Музичка младина на Македонија ги повикуваат љубителите на класичната музика да ги посетат концертите и да им дадат поддршка на младите таленти.
