Овошјето и зеленчукот губат хранлива вредност – што покажуваат истражувањата?

Дел од овошјето и зеленчукот што денес ги консумираме содржат помалку витамини и минерали отколку пред неколку децении. Научна анализа на 43 земјоделски култури открила пад на одредени хранливи материи, во некои случаи и до 38 проценти. Научниците предупредуваат дека современите методи на производство, изборот на сорти и климатските промени влијаат врз хранливиот состав на храната.

Истражувањето, објавено во 2004 година во научното списание „Journal of the American College of Nutrition“, ги споредило податоците на американското Министерство за земјоделство за 43 култури, претежно зеленчук, од 1950 и 1999 година.

Резултатите покажале дека просечната содржина на калциум се намалила за околу 16 проценти, на железо за 15 проценти, а на фосфор за девет проценти. Утврден е и пад на протеините, витаминот Ц и рибофлавинот, односно витаминот Б2, чија вредност била пониска за 38 проценти.

Сепак, истражувањето не покажало намалување на сите хранливи материи, ниту кај сите испитувани култури. Авторите посочиле дека разликите во одгледуваните сорти, методите на мерење и производствените услови можат да влијаат врз резултатите.

Прашањето повторно го отвора американското списание „Popular Mechanics“, кое во текст објавен на 19 октомври 2026 година анализира како современото земјоделство го менува хранливиот состав на производите.

Едно од главните објаснувања е таканаречената Зелена револуција, која од средината на минатиот век значително го зголеми светското производство на храна.

Со воведувањето високоприносни сорти, минерални ѓубрива, пестициди и современи земјоделски технологии, производството по хектар значително се зголемило. Но поголемите приноси не секогаш значат и повисока концентрација на витамини и минерали во произведената храна.

Современите сорти често се селектираат според приносот, отпорноста на болести, изгледот и можноста за подолго складирање. Во одредени случаи, тие карактеристики можат да бидат поврзани со помала концентрација на некои хранливи материи.

Дополнителен фактор се климатските промени, особено зголемената концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата.

Истражување објавено во 2018 година во научното списание „Science Advances“ покажало дека оризот одгледуван во услови на зголемена концентрација на јаглерод диоксид содржел во просек 10,3 проценти помалку протеини, осум проценти помалку железо и 5,1 процент помалку цинк.

Научниците утврдиле и намалување на неколку витамини од групата Б, што е особено значајно за земјите каде што оризот претставува основен дел од секојдневната исхрана.

Ваквите промени го зголемуваат ризикот од таканаречена скриена глад – состојба во која луѓето внесуваат доволно калории, но не добиваат доволно витамини и минерали.

Проблемот е особено изразен кај населението што се потпира на ограничен број основни прехранбени производи, како и кај децата и другите групи со зголемени нутритивни потреби.

Како едно од решенијата научниците ја посочуваат биофортификацијата, односно развојот и одгледувањето сорти со поголема содржина на одредени хранливи материи.

Таквите сорти можат да се добијат преку класична селекција, приспособени земјоделски практики или биотехнолошки методи. Целта е хранливата вредност да се подобри без значително намалување на приносите.

И покрај резултатите, научниците нагласуваат дека овошјето и зеленчукот остануваат неопходен дел од здравата исхрана и дека нема основа за нивно избегнување.

Светската здравствена организација препорачува лицата постари од 10 години да консумираат најмалку 400 грама овошје и зеленчук дневно, како дел од разновидна исхрана.

Истражувањата покажуваат промени во хранливиот состав на одредени култури, но не докажуваат дека целокупното овошје и зеленчук денес имаат помала хранлива вредност или дека современите производи се нездрави.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?