Станбените кредити во Германија најскапи од 2009 година

Станбена населба во Германија. Фото: PxHere

Каматните стапки на станбените кредити во Германија достигнаа највисоко ниво од финансиската криза во 2009 година. Просечната камата за кредитите со десетгодишна фиксна каматна стапка се приближува до 4,5 отсто, а растот се поврзува со стравувањата од нов бран инфлација поради војната со Иран.

Според податоците на германскиот финансиски посредник „Интерхип“, каматните стапки во мај изнесувале околу 3,9 отсто, додека сега го надминуваат претходниот максимум од 4,4 отсто, забележан кон крајот на 2023 година.

Извршниот директор на компанијата, Јерг Утехт, оценува дека главна причина за поскапувањето се геополитичките тензии и неизвесноста околу инфлацијата. Војната со Иран ги зголемува ризиците од поскапување на енергијата, што дополнително влијае врз очекувањата за каматните стапки.

За граѓаните што купуваат недвижности, промената значи значително повисоки месечни обврски. Според проценките на „Интерхип“, последното зголемување на каматите може да ја зголеми месечната рата за речиси 200 евра кај типичен станбен кредит.

Податоците на Европската централна банка покажуваат колку брзо се промениле условите за задолжување. На почетокот на 2022 година просечната камата на станбените кредити во Германија изнесувала 1,48 отсто, на крајот на 2023 година достигнала 4,15 отсто, а на почетокот на 2025 година се намалила на 3,57 отсто. Во вториот квартал од 2026 година повторно се искачила на 3,91 отсто, пред најновото поскапување.

И покрај високите камати, цените на недвижностите во Германија не бележат значителен пад. Според анализата на холандската банка ИНГ, недостигот од станови ја ограничува можноста за поевтинување, додека побарувачката за нови станбени кредити слабее.

Истражувањето на „Интерхип“ покажува дека повеќето банки очекуваат стабилизирање на каматите во следните два месеца. На подолг рок, 60 отсто од анкетираните финансиски институции предвидуваат намалување во период од шест до дванаесет месеци, додека 40 отсто очекуваат нов раст.

Развојот на ситуацијата ќе зависи и од идните одлуки на Европската централна банка, чиј следен состанок за каматните стапки е закажан за 29 октомври.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?