Европската Унија мора да го забрза приемот на Западен Балкан за регионот да не стане простор за натпревар меѓу големите сили, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора. Тој го оцени проширувањето како геополитички императив, нагласувајќи дека Германија сака земјите од регионот што побрзо да станат дел од Унијата.
„Западен Балкан не смее да стане место каде што големите сили се натпреваруваат за влијание. Во наш заеднички интерес е патот на државите од регионот кон Европската Унија да стане неповратен“, изјави Мерц на прес-конференцијата по самитот во Милочер, одржан на 22 октомври.
Германскиот канцелар нагласи дека членството на Западен Балкан повеќе не е само политичко ветување, туку стратешка потреба за европската безбедност и стабилност, особено во услови на војната во Украина и засилените глобални геополитички тензии.
„Европската Унија мора да расте ако сака да го зачува својот суверенитет и да биде препознаена како значаен фактор во светот“, порача Мерц.
Тој ја издвои Црна Гора како држава која е најблиску до членство во ЕУ, оценувајќи дека нејзиниот напредок покажува дека европската интеграција на регионот е остварлива.
„Црна Гора е на најдобриот пат наскоро да стане членка на Европската Унија. Другите мора и ќе следуваат“, рече германскиот канцелар.
Според него, Германија и Франција веќе поднеле предлози за забрзување на проширувањето, од кои дел се прифатени од Европската комисија. Целта е земјите кандидати постепено да се интегрираат во европскиот единствен пазар и во одредени европски структури уште пред формалното членство.
Мерц, сепак, предупреди дека поддршката од Брисел мора да биде проследена со конкретни реформи во регионот, особено во владеењето на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на демократските институции.
Тој се осврна и на политичките тензии во Србија и Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и надминувањето на внатрешните поделби остануваат неопходни за регионалната стабилност.
За Македонија особено значајна беше пораката на австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој нагласи дека билатералните спорови не смеат да го попречуваат проширувањето.
„Билатералните прашања не смеат да влијаат врз пристапниот процес. Не смеат да го одложуваат овој геополитички важен процес“, изјави Штокер.
Неговиот став е релевантен и за македонските евроинтеграции, кои се условени од исполнувањето на обврските во преговарачката рамка, вклучително и уставните измени. Сепак, изјавата не претставува промена на постојните услови за Македонија.
Австрискиот канцелар побара и побрзо вклучување на Западен Балкан во европската роаминг-зона, како и натамошна интеграција во европскиот платен систем и единствениот пазар.
На самитот учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека од германскиот и австрискиот канцелар биле испратени силни пораки за европската перспектива на регионот.
Мицкоски изјави дека очекува напредокот на Македонија во спроведувањето на Реформската агенда да биде признаен и да се создадат услови за продолжување на пристапниот процес. Тој нагласи дека постепената интеграција во европските структури не смее да биде замена за полноправно членство.
Самитот на Берлинскиот процес се одржа во рамките на црногорското претседавање со иницијативата, започната во 2014 година за зајакнување на регионалната соработка и приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
Австрија ќе претседава со процесот во 2027 година, со фокус на младите, помирувањето и регионалното поврзување.

