Бугарскиот бизнисмен и поранешен европратеник Слави Бинев е застрелан утрово во Софија. Информацијата за убиството ја потврди бугарската Главна дирекција „Национална полиција“ за телевизијата НОВА. Тројца осомничени се уапсени по полициска потрага.
Според НОВА, за пукањето пријавил работник во куќата на Бинев. Тој слушнал истрел, а кога отишол да провери што се случува, го затекнал бизнисменот застрелан. Екипата на Итната помош пристигнала за седум минути, но лекарите можеле само да констатираат смрт.
Главниот секретар на бугарското МВР, Љубомир Николов, рече дека на местото е пронајдена една чаура, а кај жртвата е утврдена прострелна рана во главата.
Осомничените се запрени на 54. километар од автопатот „Тракија“, во близина на тунелот „Трајанови врата“. При акцијата се пронајдени две оружја — едното во чанта кај еден од уапсените, а другото, според полицијата, било исфрлено непосредно пред запирањето на автомобилот.
Истражителите како можна причина разгледуваат нерасчистени финансиски односи. Според првичните полициски сознанија, осомничените се познавале со Бинев и претходно го посетувале. Надлежните нагласија дека засега немаат податоци што упатуваат на нарачано убиство.
Бинев беше познат во бугарската јавност по својата деловна, политичка и спортска кариера. Беше европратеник од „Атака“, а подоцна и пратеник во бугарското Народно собрание. Пред политичкиот ангажман се натпреваруваше во таеквондо, а во 1992 година стана европски шампион.
Софиското градско обвинителство отвори истрага за убиството. Мотивот и улогата на секој од тројцата уапсени допрва треба да се утврдат.

