Шпанската фудбалска федерација ги одложи сите 24 натпревари од Кралскиот куп, познат како Копа дел Реј, кои требаше да се одиграат денеска, по катастрофалната железничка несреќа во близина на Толедо. Шпанските медиуми јавуваат за најмалку 46 загинати, додека официјалниот биланс сè уште се утврдува.
Одлуката е донесена во знак на почит кон жртвите од судирот на два брзи патнички воза кај местото Урда, кој се случи утрово околу 8:54 часот.
„Во знак на почит и солидарност со сите жртви од трагичната железничка несреќа, донесена е одлука за одложување на сите 24 натпревари предвидени за денеска“, соопшти Шпанската фудбалска федерација.
Меѓу одложените натпревари се и дуелите на Валенсија, Бетис, Селта, Мајорка и Алавес. Новите термини ќе бидат дополнително објавени.
Натпреварите предвидени за утре, 29 октомври, засега остануваат во распоредот.
Несреќата се случила кога брз воз на релацијата Мадрид – Севилја удрил во друг воз што се движел пред него. Од силината на ударот излетале вагони од шините, а железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и Андалузија е прекинат.
Според шпанскиот весник „Ла Воз де Галиција“, бројот на загинати достигнал најмалку 46 лица, додека други медиуми објавуваат пониски бројки. Надлежните служби продолжуваат со спасувачките операции и утврдувањето на конечниот биланс.
Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид и други шпански клубови изразија сочувство до семејствата на загинатите и солидарност со повредените.
Шпанскиот фудбал денеска останува во сенка на трагедијата што ја потресе земјата.

