Минимална плата од 36.000 денари и зголемување на студентскиот оброк ќе бара СДСМ со амандмани на ребалансот на Буџетот. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека пратеничката група и коалициските партнери ќе предложат пренасочување средства за подобрување на животниот стандард и поддршка на повеќе категории граѓани.
Филипче оцени дека растот на животните трошоци сè повеќе ги притиска семејните буџети и дека работниците не треба да живеат на работ на сиромаштијата. Од Владата побара конкретни мерки со кои граѓаните полесно ќе ги покриваат основните потреби.
Покрај повисокиот минималец и студентскиот оброк, најавените амандмани опфаќаат поддршка за земјоделците, лицата и децата со попреченост, градинките и здравствената заштита. Ќе се бараат и средства за инвестиции во индустријата и за Сојузот на борците.
„Нека покажат малку грижа, емпатија, нека водат сметка за граѓаните, нека не водат сметка само за своите партиски тендери“, порача Филипче.
Тој го критикуваше вториот ребаланс, оценувајќи дека со него се покриваат буџетски дупки и се отвора простор за ново задолжување, додека изостануваат средства за повисоки плати и подобар стандард. Филипче ја повика власта да ги поддржи опозициските предлози пред крајот на годината.

