Повеќе од 1.700 рачни бомби и тромблонски мини од Првата светска војна се откопани и отстранети кај Тумбе Кафе во Битола, во близина на станбени куќи. Ископувањата продолжуваат, а се очекува да бидат пронајдени дополнителни количества неексплодирани убојни средства, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Акцијата ја води пиротехничар од ДЗС, со помош на пензионирани припадници на специјалната единица „Тигри“ и на полицискиот Отсек за антитероризам.
Ангелов предупреди и на недостигот од стручен кадар. Во Дирекцијата работат само неколку пиротехничари, а во тек е постапка за вработување уште еден. Обуката на нови кадри трае неколку години.
Покрај оваа локација, ДЗС планира расчистување и на други критични места во битолскиот регион, за кои има информации дека содржат стотици, а некаде и илјадници неексплодирани убојни средства.
