Најмалку три лица загинаа, а петмина се повредени откако дел од карпеста формација се урна во турскиот туристички регион Кападокија. Несреќата се случи денеска во Ѓореме, во близина на паркинг кај влезот во туристичкиот локалитет.
Спасувачките екипи продолжуваат да го пребаруваат просторот под урнатините. Според гувернерот на Невшехир, Хусеин Ќок, обилните дождови најверојатно го предизвикале одронот. Двајца од загинатите се турски државјани, додека за третата жртва засега нема објавени податоци.
Карпите се одвоиле од една од препознатливите формации наречени „самовилски оџаци“, во близина на музејот на отворено во Ѓореме, и паднале врз просторот каде што имало луѓе. На местото се испратени полицајци, жандармерија, медицински екипи и припадници на турската служба за управување со катастрофи АФАД.
Обвинителството во Невшехир отвори истрага за несреќата. За случајот се ангажирани заменик-главен обвинител и двајца обвинители.
Кападокија е позната по необичните карпести формации, пештерските живеалишта и подземните градови и е меѓу најпосетуваните туристички региони во Турција.

