„Сакам книги“ подарува 300 книги на украински јазик во библиотеки низ Македонија

„Сакам книги“

Во рамките на проектот „Со љубов, од Европа“, финансиран преку програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, издавачката куќа „Сакам книги“ обезбеди 500 книги на украински јазик, од кои 300 се наменети како подарок во библиотеките низ Македонија, а 200 ќе бидат достапни во книжарниците во Скопје. Иницијативата ќе биде претставена на дискусија на 2 ноември во „Јуроп хаус“.

Издавачката куќа „Сакам книги“ реализира уште една иницијатива со која литературата станува мост меѓу културите и заедниците. Вкупно 300 книги на украински јазик се донирани на библиотеки во Скопје, Делчево, Кавадарци и Штип, како и на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“.

Оваа иницијатива е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, финансиран преку програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, и има за цел да ја направи украинската литература подостапна за украинските граѓани што живеат во Македонија, но и да придонесе кон зачувувањето на нивниот јазик, култура и книжевно наследство.

Особено значење оваа иницијатива има за украинските деца и семејства кои поради војната биле принудени да го напуштат својот дом. За нив, можноста да прочитаат книга на мајчиниот јазик не е само пристап до литература, туку и начин да ја зачуваат врската со својата земја, со спомените и со културата на која ѝ припаѓаат.

Истовремено, уште 200 книги на украински јазик ќе бидат достапни за продажба во книжарниците на „Сакам книги“ во Скопје, со што се отвора дополнителна можност украинската литература да допре до поширока читателска публика.

„Веруваме дека книгите имаат моќ да поврзуваат луѓе, особено тогаш кога околностите ги разделуваат. Со оваа донација сакаме да покажеме дека солидарноста може да биде многу конкретна, понекогаш во форма на книга на мајчиниот јазик. Нашата желба е украинските семејства што живеат во Македонија да имаат пристап до својата литература, а библиотеките да бидат места каде што секој читател ќе се чувствува добредојден“, порачуваат од „Сакам книги“.

Може ли книгата да го промени светот?

Токму ова прашање ќе биде во фокусот на јавната дискусија што „Сакам книги“ ја организира на 2 ноември 2026 година, со почеток во 17 часот, во „Јуроп хаус Скопје“, под наслов „Може ли книгата да го промени светот? – Украинската литература како мост меѓу луѓето и културите“.

На дискусијата ќе учествуваат Иван Примаченко, украински конзул во Македонија, Александар Орбанович, претседател на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“, и Вера Чорниј-Мешкова, преведувачка од украински на македонски јазик.

Разговорот ќе отвори прашања за значењето на литературата во зачувувањето на националниот и културниот идентитет, за мајчиниот јазик како врска со домот, но и за слободата што книгите можат да ја понудат во време на неизвесност и големи животни промени.

Дали литературата може да ни помогне подобро да ги разбереме другите? Може ли една книга да го намали чувството на осаменост, да зачува спомен или да создаде чувство на припадност? И колку е важно украинските граѓани што живеат надвор од својата земја да имаат пристап до книги на сопствениот јазик?

Ова се само дел од темите за кои ќе разговараат учесниците, а публиката ќе има можност активно да се вклучи со свои прашања и размислувања.

Со оваа иницијатива, „Сакам книги“ ја продолжува својата заложба за промовирање на европската литература, културната разновидност и солидарноста, потсетувајќи дека книгите не познаваат граници и дека понекогаш токму една приказна може да биде најсилната врска меѓу луѓето.

Проектот „Со љубов, од Европа“ е финансиран од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?