Четири компании добиле договори вредни 10,3 милиони евра, односно речиси три четвртини од вкупната вредност на јавните набавки на Општина Штип во 2025 година. За договори вредни 2,9 милиони евра била поднесена само по една понуда. Анализата на „Рацин.мк“, направена врз основа на податоците и јавно достапната документација од Електронскиот систем за јавни набавки (е-Набавки), покажува дека вредноста на договорите на Општина Штип пораснала за речиси 60 проценти во споредба со претходната година, а кај набавката за спортски и детски игралишта, по поништена постапка и изменети услови за учество, договорената вредност дополнително се зголемила за 15,3 проценти.
Општина Штип во 2025 година склучила 96 договори за јавни набавки, во вкупна вредност од 873,44 милиони денари, односно приближно 14,2 милиони евра. Една година претходно биле склучени 126 договори, вредни 547,76 милиони денари или околу 8,9 милиони евра.
Според анализата на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, вредноста на договорите се зголемила за 59,5 проценти, додека нивниот број се намалил за речиси една четвртина.
Четири компании со 72,9 проценти од вредноста на договорите
Најголема вредност на договори во 2025 година има „Стентон градба“, со два договора вредни вкупно 262,94 милиони денари.
Едниот договор, во вредност од 122,08 милиони денари, се однесува на уредувањето на паркот „Иднина“ покрај Брегалница, а другиот, вреден 140,86 милиони денари, на инфраструктурни работи во близина на Железничка. Во постапките биле поднесени четири, односно шест понуди.
На второто место е „Сандра инженеринг“, со два договора вредни вкупно 134,78 милиони денари, додека трета е „Дади Оил“, со договор од 126,40 милиони денари.
Четврта е „Коле-Транс инженеринг“, која има најголем број договори меѓу овие компании – вкупно 18, во вредност од 112,56 милиони денари.
Кај „Коле-Транс“ се забележува и значителен раст во споредба со 2024 година, кога компанијата имала 11 договори вредни 25,81 милиони денари. За една година вредноста на договорите се зголемила за приближно 336 проценти.
Меѓу набавките на оваа компанија се и инфраструктурни работи поврзани со булеварот „Партизанска“.
Концентрацијата на јавните набавки кај мал број изведувачи сама по себе не претставува доказ за неправилност, но покажува како е распределена најголемата вредност на општинските договори.
Помалку договори со една понуда, но речиси петпати поголема вредност
Во 2025 година, за 16 договори на Општина Штип била поднесена само по една понуда. Нивната вкупна вредност изнесува 177,87 милиони денари, односно приближно 2,89 милиони евра, што претставува 20,4 проценти од вкупната договорена вредност.
За споредба, во 2024 година имало 21 договор со една понуда, но нивната вкупна вредност била 37,07 милиони денари, односно околу 603.000 евра.
Така, иако бројот на договори со една понуда се намалил, нивната вредност пораснала за речиси 380 проценти.
Особено се издвојуваат двата договора со „Сандра инженеринг“. Нивната заедничка вредност од 134,78 милиони денари претставува 75,8 проценти од вредноста на сите договори за кои пристигнала само една понуда.
Една понуда не значи дека постапката била незаконска, но покажува дека за конкретната набавка немало непосредна конкуренција меѓу повеќе понудувачи.
Игралиштата: Поништен тендер, изменети услови и договор зголемен за 125.000 евра
Еден од најзначајните наоди во истражувањето се однесува на набавката за поставување урбана опрема за спортско-рекреативни активности и детски игралишта.
Првиот тендер, со број 04562/2025, бил објавен на 13 март 2025 година, но постапката била поништена.
Во официјалното известување како причина е наведено дека не била поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда. Од ваквото образложение не може да се утврди дали воопшто немало понудувачи или пристигнатите понуди не ги исполнувале условите.
На 9 мај општината објавила повторена постапка, под број 07165/2025, за истиот предмет на набавка.
Споредбата на објавените тендерски документи покажува дека во повторената постапка биле изменети дел од условите за техничка и професионална способност.
Во првата постапка се барало искуство со најмалку два изградени објекта во последните седум години. Во повторената, условот бил најмалку пет изградени објекти во последните пет години.
Во повторената документација биле наведени и подетални барања за стручен кадар, механизација и опрема, како и стандарди за управување со квалитет и животна средина.
Условот за најмалку 60 лица на располагање останал, но биле попрецизно определени потребните стручни профили.
На повторениот тендер пристигнала само една понуда, од „Сандра инженеринг“.
На 9 јуни 2025 година бил склучен договор во вредност од 50.214.600,28 денари со ДДВ, односно околу 816.000 евра.
На 4 декември истата година, во Електронскиот систем за јавни набавки било објавено известување за измена на договорот.
Новата договорена вредност изнесувала 57.909.521,88 денари, што претставува зголемување за 7.694.921,60 денари или приближно 125.000 евра.
Со тоа договорената вредност била зголемена за 15,3 проценти.
Во известувањето за измената, како образложение е наведено повикување на член 4 од договорот. Меѓутоа, тој член го регулира начинот на плаќање, додека измените на договорот се уредени во други одредби.
Јавно објавеното известување не содржи конкретно објаснување за дополнителните работи, нивните количини или причините за зголемувањето на вредноста.
Во анализираната јавно достапна документација не е пронајден потпишан анекс што би овозможил детална проверка на измената.
Оттука, документите потврдуваат дека договорената вредност е зголемена, но не овозможуваат да се утврди кои конкретни работи го предизвикале зголемувањето. Изменетата договорена вредност, исто така, не претставува потврда дека целиот износ е исплатен.
Спортската сала „Џексон“: Два договора од 2,33 милиони евра
Значителен дел од јавните набавки на Општина Штип се однесува и на реконструкцијата на спортската сала „Џексон“.
За овој објект во 2024 и 2025 година биле склучени два договора, со вкупна вредност од 143,53 милиони денари, односно околу 2,33 милиони евра.
Првиот договор, поврзан со постапката 02713/2024, бил склучен со група понудувачи во која учествувале „Сандра инженеринг“ и „Конструктор“. Неговата вредност изнесувала 66,66 милиони денари, а во постапката биле поднесени пет понуди.
Во 2025 година, преку постапката 12241/2025, бил склучен уште еден договор за дополнителни, односно непредвидени работи на спортската сала, овојпат со „Сандра инженеринг“.
Вредноста на вториот договор изнесувала 76,87 милиони денари, а во постапката била поднесена само една понуда.
Споредбата на техничката документација отвора дилема околу планирањето на реконструкцијата. Во првичниот договор од 2024 година биле предвидени работи на трибините, вклучително и изведба на бетонски конструкции и арматура. Но, трибините повторно се појавуваат во договорот за дополнителни и непредвидени работи од 2025 година, овојпат преку позиции за метални конструкции и челични скали.
Особено внимание привлекува тоа што само една од позициите поврзани со трибините во вториот договор е вредна околу 18,4 милиони денари, односно приближно 300.000 евра.
Иако станува збор за различни градежни позиции, документацијата не дава одговор зошто дополнителните конструкции на трибините не биле предвидени уште при подготовката на првичниот проект. Останува нејасно дали станува збор за промена на проектното решение, недостатоци во првичното планирање или за околности што не можеле однапред да се предвидат.
Вредноста на договорот за дополнителните работи е дури и повисока од првичниот договор за реконструкција. Дополнително, додека за првата постапка конкурирале пет понудувачи, за втората пристигнала само една понуда.
Оваа анализа е дел од истражувачката серија на „Рацин.мк“ за јавните набавки во македонските општини. Во следните продолженија ќе ги анализираме тендерите и склучените договори и во други општини, со фокус на вредноста на набавките, конкуренцијата меѓу понудувачите и компаниите што добиваат најголем дел од јавните средства.

