Необична сцена на традиционалната прослава на Ноќта на вештерките во Белата куќа привлече внимание и предизвика реакции на социјалните мрежи. Меѓу илјадниците деца кои пристигнаа да добијат слатки од американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп, се појавија момче во униформа со советски воени ознаки и девојче во традиционална руска народна носија.
Момчето носело маскирна јакна со ознака на тенковска единица и воена капа со советски симболи, меѓу кои срп и чекан. Девојчето што го придружувало било облечено во руски сарафан со цветни мотиви, со традиционален украс на главата познат како кокошник.
На видеоснимката од настанот се гледа како Меланија Трамп со насмевка ја допира и му ја наместува капата на момчето, по што претседателската двојка им дава слатки на двете деца.
Сцената предизвика реакции поради советската симболика, особено во контекст на војната во Украина. Дел од коментарите ја оценија појавата на советска воена униформа на ваков настан како нечувствителна кон жртвите на советскиот режим и кон украинските граѓани што страдаат во актуелната војна.
Доналд и Меланија Трамп не ги коментирале костимите за време на средбата. Засега не е познат идентитетот на децата, ниту причината поради која ги избрале овие костими.
Прославата се одржа на 29 октомври, на јужниот тревник на Белата куќа, а меѓу поканетите беа семејства на припадници на американската војска, полицијата, згрижувачки и посвоителски семејства, како и деца на службеници од администрацијата.
Настанот, замислен како празнична средба со најмладите, доби и политичка димензија поради симболите на униформата, кои потсетуваат на советското минато во период кога односите меѓу Вашингтон, Москва и Киев остануваат во центарот на меѓународното внимание.

