Десетици илјади млади денеска се очекува да излезат на улиците низ Германија, во протестен бран организиран преку социјалните мрежи. Речиси 146.000 лица се пријавиле за учество на протестите на иницијативата „Gen Z regelt“, кои се најавени во околу 30 германски градови, додека полицијата се подготвува за можни безбедносни инциденти во текот на Ноќта на вештерките.
Протестите се насочени против недоволните вложувања во образованието, социјалните нееднаквости, кратењето на јавните средства и новите правила за воена служба.
Во Берлин за собирот пред Бранденбуршката порта се пријавени околу 10.000 учесници. За обезбедување на протестите градските власти најавија ангажирање на приближно 1.500 полицајци, со дополнителна поддршка од федералните служби. Во Франкфурт интерес за учество изразиле повеќе од 11.000 лица, иако полицијата очекува помала посетеност.
Генерацијата што не сака да ги плаќа туѓите војни
Една од главните причини за незадоволството е новиот модел на воена служба. Од јануари 2026 година осумнаесетгодишниците добиваат прашалници од германските вооружени сили, а од јули 2027 година за младите мажи родени во 2008 година и подоцна се предвидени задолжителни лекарски прегледи.
Воената служба засега останува доброволна, но доколку не се пријават доволно доброволци, Бундестагот може со посебен закон да воведе воена обврска.
Младинската иницијатива предупредува дека германската политика издвојува огромни средства за вооружување, додека училиштата, менталното здравје и социјалните услуги се соочуваат со недоволно финансирање.
Незадоволството има и генерациска димензија. На парламентарните избори во 2025 година гласачите постари од 60 години сочинувале околу 42 проценти од избирачкото тело, додека помладите од 30 години биле само околу 13 проценти.
Оваа нерамнотежа ја засилува перцепцијата кај младите дека политичките одлуки се носат според интересите на постарите генерации.
Страв од инциденти, но без докази за организирано насилство
Германските безбедносни служби предупредуваат на можноста протестите да привлечат радикални групи. Дел од конзервативните политичари изразија загриженост поради изборот на Ноќта на вештерките, кога на улиците традиционално има голем број маскирани граѓани.
Сепак, федералното Министерство за внатрешни работи соопшти дека нема сознанија за конкретни повици на насилство. Берлинската полиција, исто така, не располага со докази за организирани планови за грабежи.
Организацијата на протестите е дополнителен предизвик. Досегашниот портпарол на иницијативата се повлече, а дел од младинските организации се дистанцираа поради нејасната структура на движењето.
Дали најавените 146.000 учесници ќе се претворат во масовен протест останува да се види. Но, мобилизацијата веќе покажува дека дел од младите Германци сакаат поголемо влијание врз одлуките за образованието, јавните финансии и сопствената иднина.

