Фигура во облик на главата на францускиот претседател Емануел Макрон, наполнета со лажни банкноти, беше скршена пред насобрани демонстранти во Бордо. Сцената е снимена на 31 октомври на плоштадот Виктоар, за време на протестите против високите трошоци за живот.
Станува збор за пињата, шуплива украсна фигура што вообичаено се полни со слатки и се крши на прослави. Во овој случај, демонстрантите ја употребиле како реквизит со ликот на претседателот.
Според описите на снимката во француските медиуми, неколку лица се качиле на метална конструкција над толпата. Едно од нив ја држело фигурата закачена на долг стап, додека друго удирало по неа.
Кога пињатата се распаднала, од неа се разлетале лажни банкноти и парчиња хартија, а насобраните реагирале со извици и одобрување. Снимката ја пренесоа „Ле Фигаро“ и други медиуми, а се прошири и на социјалните мрежи.
Настанот се случи во рамките на третиот ден од националната мобилизација против скапиот живот и за заштита на јавните услуги. Според „Ле Монд“, на протестите низ Франција учествувале околу 320.000 луѓе според властите, односно околу 500.000 според организаторите.
Весникот известува дека најголемиот дел од поворките поминале мирно, иако во вечерните часови имало судири во повеќе градови.
Француското Министерство за внатрешни работи за тој ден мобилизирало 70.000 полицајци и жандарми низ земјата, со засилени контроли и обезбедување на протестните маршрути.

