Приведен Давор Мацура, сопственикот на Алта банка, објави „Нова.рс“
Давор Мацура, сопственикот на Алта банка и бизнисмен кого српските медиуми го поврзуваат со Српската напредна странка, бил приведен во текот на ноќта, објави „Нова.рс“, а пренесе весникот „Данас“.
Според објавата, на приведувањето му претходел полициски претрес во просториите на Алта банка, кој почнал во саботата и траел повеќе од 30 часа.
Во првичната информација не се наведени конкретните сомненија поради кои Мацура е приведен, ниту дали му е определено задржување.
Веста доаѓа по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Одлуката е донесена на 30 октомври, по претходни контроли насочени кон подобрување на ликвидноста.
Српскиот регулатор соопшти дека финансиската состојба на банката значително се влошила и дека биле загрозени интересите на депонентите. Управувањето е пренесено на Агенцијата за осигурување депозити, по утврдувањето на условите за поведување стечајна постапка.
Случајот има последици и во Македонија, каде што белградската Алта банка е доминантен акционер во Алта банка АД Битола. Во домашната банка вчера беше воведена привремена администрација, а од денеска експозитурите привремено не работат со клиенти.
За физичките лица е воведен неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички. Народната банка уверува дека банката во Битола е ликвидна и високо капитализирана и дека привремената администрација е мерка за заштита на штедачите до разрешување на сопственичката состојба.

