Големата рафинерија за нафта „ЈАНОС“ во рускиот град Јарослављ се запали по ноќен напад со украински беспилотни летала, при што се повредени двајца вработени и е оштетена инфраструктурата на погонот.
Украински беспилотни летала погодија една од најголемите руски рафинерии за нафта во Јарослављ, град лоциран на околу 250 километри североисточно од Москва, потврди регионалниот гувернер Михаил Еввраев. Според неговите изјави објавени на Телеграм, противвоздушната одбрана одбивала напад во кој учествувале 124 дронови насочени кон индустрискиот комплекс.
Службите за итни случаи интервенираат за гаснење на пожарот кој зафатил делови од инфраструктурата на рафинеријата „Славнефт-Јарославнефтеоргсинтез“. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат пламени јазици и чад над индустриската зона, додека официјален Киев сè уште нема коментар за нападот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило вкупно 856 противнички дронови на територијата на целата земја. Ова е најмалку трет напад врз рафинеријата во Јарослављ, која има капацитет за преработка од околу 15 милиони тони сурова нафта годишно и произведува бензин, дизел и мазут.
Ударот доаѓа по извештаите за обновени украински напади врз руски енергетски капацитети, по претходниот период на намален интензитет. Претходно беа пријавени оштетувања и на индустриски капацитети во регионите Самара и Нижни Новгород.

