Управител на фирма за технички прегледи е осомничен дека присвојувал пари што граѓаните и компаниите ги плаќале за јавни давачки при регистрација на возила. Според Финансиската полиција, со тоа на фирмата ѝ прибавил противправна имотна корист од 41,5 милиони денари.
Управата поднела кривична пријава против М.Н. до Основното јавно обвинителство Тетово за продолжено кривично дело „Проневера во службата“. Сомневањата се однесуваат на периодот од почетокот на 2022 до крајот на 2025 година.
Парите биле наменети за општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според пријавата, управителот во 2022 и 2024 година противправно отпишал и обврски за јавни давачки од 17,1 милион денари. Финансиската полиција се сомнева дека така ги прикривал присвоените средства, прикажувајќи помал долг кон субјектите на кои требало да им бидат префрлени парите.
