„Бош“ укинува уште 750 работни места, дел од развојот се сели во Кина

„Бош“ планира да укине уште 750 работни места во развојниот центар во Абштат, Германија, до крајот на 2029 година. Компанијата ги потврди плановите, посочувајќи ги посилната конкуренција од Кина, притисокот врз цените и промените во развојот на автомобилските технологии како причини за новото кратење.

На удар е делот од бизнисот што развива системи за сопирање, софтвер за движење на возилата, заштита на патниците и сензори. Во Абштат, во германската покраина Баден-Виртемберг, според најновите податоци што компанијата ги доставила до германските медиуми, работат околу 5.300 луѓе.

Проблемот за германскиот центар доаѓа од две страни. Азиските конкуренти нудат поевтини решенија, додека кинеските производители на автомобили сѐ почесто први ги воведуваат новите технологии на „Бош“. Дел од системите за електронско управување и сопирање се развиваат заедно со овие клиенти, во развојните капацитети на компанијата во Кина. Со тоа се намалува потребата од одредени работни задачи во Абштат.

„За долгорочно да ја обезбедиме улогата на Абштат, мора да ги приспособиме нашите структури и трошоци“, изјави финансискиот директор на секторот, Мохамед Абрахам.

Новите 750 позиции се дополнување на претходно објавените планови. Според германскиот јавен сервис СВР, вкупниот број најавени укинувања работни места во германскиот сектор за мобилност на „Бош“, сметано од 2024 година, се приближува до 24.000. Станува збор за повеќе одделни планови со различни рокови за спроведување.

Во септември компанијата најави и кратење на 900 работни места во Нирнберг, приближно половина од тамошните позиции. „Бош“ веќе намалуваше персонал во изминатите години, а новите најави го продолжуваат процесот на приспособување на германските капацитети.

Компанијата ја опишува состојбата во автомобилската индустрија како комбинација од стагнација на светското производство, намалена побарувачка во Европа и посилна конкуренција во трошоците, брзината и продуктивноста. Кај современите интегрирани системи за сопирање, ценовниот притисок станува особено изразен.

Од „Бош“ најавуваат дека намалувањето на персоналот треба да се спроведе на што е можно посоцијално прифатлив начин. Абштат ќе продолжи да функционира како развоен центар, а планот не ги опфаќа сите деловни единици што работат на таа локација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?