Како напуштените јавни објекти да се претворат во достапни простори за култура, спорт, зеленило и дружење, ќе биде тема на јавна дебата што ја организираат Меѓународното здружение на граѓани „Културно Ехо“ – Скопје и здружението „Гоу Грин“.
Целта на дебатата е да се разгледаат можностите за ревитализација, пренамена и одржливо управување со напуштените јавни објекти, како и да се предложат конкретни модели со кои овие простори повторно би им служеле на граѓаните.
На настанот, кој ќе се одржи денеска, 6 ноември, во 12 часот, во Младинскиот центар Карпош (сала Партизан), се очекува да се отворат прашања за пренамената на објектите во зелени, културни, спортски и општествени простори, како и за начините на нивно управување со активно учество на локалните заедници, општините, граѓанските организации и независниот културен сектор.
Во фокусот ќе бидат и можностите за соработка меѓу јавните институции и граѓанскиот сектор, како и финансиските модели што би овозможиле долгорочна одржливост на ваквите простори.
Организаторите најавуваат дека дискусијата ќе се темели и на наодите од спроведеното истражување. Предвидено е учесниците да разменат искуства, да утврдат можности за меѓусекторска соработка и да формулираат препораки што би можеле да се применат и во други градови и локални заедници.
Дебатата се организира во рамки на проектот „Зелени и културни простори: Застапување за ревитализација“, поддржан преку проектот „Култура за развој“, финансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од „Хартефакт Фонд“.

