Морбили во Македонија, Даниловски бара отчет од здравствените институции

Петте случаи на морбили во Македонија се предупредување за состојбата на системот за имунизација, оценува епидемиологот Драган Даниловски. Тој прашува како институциите реагирале на падот на вакцинацијата и дали преземените мерки дале доволни резултати.

Годишниот извештај на Институтот за јавно здравје ги потврдува загрижувачките бројки: опфатот со првата доза МРП во 2025 година изнесувал 62,7 проценти. Во 2024 година бил 72,7, а во 2023 година 73,4 проценти. За две години намалувањето изнесува 10,7 процентни поени.

Од 19.369 деца предвидени за оваа вакцинација во 2025 година, 7.215 останале неопфатени. Најголем дел од нив биле на подрачјата што ги покриваат центрите за јавно здравје во Скопје и Куманово.

Опфатот со втората доза бил повисок, 84,7 проценти. Даниловски нагласува дека станува збор за различни целни групи. Овие показатели не го претставуваат процентот на заштитени лица во целото население.

За спречување епидемии на морбили потребен е опфат од најмалку 95 проценти со двете дози. На овој праг укажуваат и Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

„Петте случаи треба да бидат повод за темелна проценка на функционирањето на целиот систем за имунизација“, пишува Даниловски.

Неговата критика се однесува на целиот институционален синџир: дали навреме се анализирале причините за падот, какви дополнителни мерки биле преземени и како се оценувале нивните резултати. Тој ги признава теренските активности, но предупредува дека националниот опфат продолжил да се намалува.

Даниловски посочува дека причините не се сведуваат само на одбивање на вакцинацијата. Децата пропуштаат дози и поради недоволно информирање, пропуштени термини, организациски пречки и недоволно следење од здравствените служби. Затоа предлага активно повикување и потсетување на родителите, подостапна вакцинација и посебно внимание на средините со најнизок опфат.

ИЈЗ на 30 октомври упати апел родителите и граѓаните да го проверат вакциналниот статус и да ги надоместат пропуштените дози во надлежните вакцинални пунктови, согласно националниот календар за имунизација. МРП-вакцината штити од мали сипаници, рубеола и паротит.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?